НЕМА ДА ДОЗВОЛИМЕ ИСТОЧНА МАКЕДОНИЈА ДА СТАНЕ РУДАРСКО РЕШЕТО И КОЛОНИЈА, ВЕЛАТ ЕКОАКТИВИСТИТЕ ПО ВЛАДИНАТА ОДЛУКА ЗА ДАВАЊЕ КОНЦЕСИИ ЗА ИСТРАЖУВАЊА ВО 27 ОПШТИНИ

    НЕМА ДА ДОЗВОЛИМЕ ИСТОЧНА МАКЕДОНИЈА ДА СТАНЕ РУДАРСКО РЕШЕТО И КОЛОНИЈА, ВЕЛАТ ЕКОАКТИВИСТИТЕ ПО ВЛАДИНАТА ОДЛУКА ЗА ДАВАЊЕ КОНЦЕСИИ ЗА ИСТРАЖУВАЊА ВО 27 ОПШТИНИЕкоактивистите сметаа дека последната одлука на Владата за ваквата одлука за доделување концесии за вршење проспекциски геолошки истражувања, значи отворање простор за нови рудници во Југоистокот, иако со години се борат против какво било рударство во овој дел од државата. (Фото: Архива на СДК.МК)

    Нема да дозволиме нашата татковина да се претвори во рударско решето и рударска колонија, велат еколошките здруженија од Југоистокот, откако во „Службен весник“ беше објавена Одлуката на Владата за започнување постапка за доделување концесии за вршење проспекциски геолошки истражувања на металични минерални суровини во 27 општини во Источна Македонија.

    Со оваа одлука, потпишана од вицепремиерот Љупчо Димовски, се овозможува заинтересирани компании во наредниот период да вршат истражувања за откривање нови наоѓалишта на металични минерални суровини во општините од Куманово до Гевгелија.

    Во „Службен весник“ е објавена Одлуката на Владата за започнување постапка за доделување концесии за вршење проспекциски геолошки истражувања на металични минерални суровини во 27 општини во Источна Македонија.

    За екоактивистите од „Здрава котлина“, ваквата одлука значи отворање простор за нови рудници во Југоистокот, иако со години се борат против какво било рударство во овој дел од државата. Сметаат дека е време за масовен отпор и долгорочна граѓанска мобилизација.

    „Додека обичниот народ се бори за пристоен живот, чист воздух и за заштита на сопствениот имот, луѓето во фотелјите со еден потпис решаваат да ја претворат нашата татковина во рударско решето. Ова не е битка меѓу политички партии, ниту е обична еколошка интервенција. Ова е генерациска, биолошка борба за опстанок на нашите семејства, на нашите домови и на плодната македонска земја. Борбата што е пред нас не е спринт, туку маратон на издржливост. Власта се надева дека народот ќе се умори, дека еколошките здруженија ќе се исцрпат и дека револтот ќе згасне. Затоа нашиот одговор мора да биде паметен и долгорочен“, се вели во реакцијата на „Здрава котлина“.

    Ист став имаат и младите од движењето „Ја штитам Беласица“. Давид Златанов смета дека ваквата одлука на Владата е директен удар врз иднината на Југоистокот, бидејќи граѓаните веќе се изјаснија дека не сакаат рудници, а некој постапува спротивно на нивната волја.

    „Нема да дозволиме Истокот и Југоистокот повторно да станат полигон за интересите на рударските компании. Ќе ја кренеме целата јавност на нозе и ќе побараме секој функционер јавно да се изјасни по ова прашање, а не да се крие зад молкот. Секој што ќе застане на страната на ваквите проекти ќе мора да им објасни на граѓаните зошто ги става во ризик нивното здравје, водата и земјата“, смета Златанов.

    Киро Шопов од граѓанската иницијатива „Еко долина“ од Ново Село вели дека е шокиран од последната одлука на Владата да започне постапка за геолошки истражувања во Источна Македонија. Како што посочува, најмногу го загрижува индиферентниот однос на локалните политичари кон ова прашање.

    „Зачудени сме од оваа одлука. Ние очекувавме да се поништат веќе издадените концесии за рудници, а Владата отвора можност за нови. Јавно нека излезат градоначалниците, советниците и пратениците и нека го кажат својот став, бидејќи сите општини донесоа одлуки дека се против отворање рудници на овие територии, затоа што народот не сака. Ако народот не сака, тогаш зошто упорно се отвора ова прашање?“, вели Шопов.

    Затечени од новата владина одлука се и од граѓанското движење  „Чејнџмејкерсфорол“ (Changemakers4all) од Гевгелија. Оттаму ги повикаа сите функционери и народни избраници јавно да се изјаснат дека се против ваквата одлука и против отворање рудници, оценувајќи дека одлуката за проспекција е прв чекор кон идна експлоатација и загадување на животната средина.

    „Лажат дека станува збор ‘само за истражување’. Секој рудник почнува токму така. Денес проспекција, утре експлоатација. Затоа ги повикуваме сите народни избраници, без разлика дали се градоначалници, советници или пратеници, јавно да кажат ‘не’ на ваквата одлука. Народот веќе се изјасни дека не сака рудници и дека со години се бориме против ова зло. Не гледаме никаква причина повторно да се отвора ова прашање. Ќе останеме будни и ќе дејствуваме, бидејќи наше право е да знаеме што се подготвува зад нашиот грб“, изјави Марина Томова, екоактивистка од Гевгелија.

    Пред десетина дена еколошките здруженија од Југоистокот, со поддршка од колеги од Скопје и Прилеп, побараа Владата да ги поништи концесиите за рудникот „Иловица-Штука“ на планината Огражден, оценувајќи дека овој рудник, освен Струмичката Котлина, ја загрозува и целата држава. Во спротивно, најавија еколошки и граѓански отпор против, како што велат, „рудниците на смртта“.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира