ЛЕКОТ „ФОСТЕР“ ЗА АСТМА ОД 1 АВГУСТ ЌЕ ЧИНИ 280 ДЕНАРИ, ДОТОГАШ ЌЕ СЕ ПРОДАВА ЗА 1.081 ДЕНАР

    ЛЕКОТ „ФОСТЕР“ ЗА АСТМА ОД 1 АВГУСТ ЌЕ ЧИНИ 280 ДЕНАРИ, ДОТОГАШ ЌЕ СЕ ПРОДАВА ЗА 1.081 ДЕНАРКлековски кажа дека почнале со контроли по аптеките дали се издaваат на рецепт новите лекови против згрутчување на крвта. (Фото: Архива на СДК.МК)

    Од 1 август лекот „фостер“ ќе биде без доплата, а партиципацијата ќе чини 280 денари, кажа денеска директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) Сашо Клековски. Лекот „беклометазон/фомротерол“ или познат како „фостер“ е инхалациска терапија за астма и за хронично опструктивна белодробна болест.

    Изминатиов период цената на „фостер“ од 300 скокна на 1.081 денар, по што реагираа пациeнтите кои го користат. Цената од 280 денари ќе стапи во сила по истекување на веќе доставените количини на лекот во аптеките. Нема рефундација за граѓаните кои периодов го купуваат по 1.081 денар. Замената на лекот, „блоцета’ е веќе достапна во аптеките без доплата, но за користење на тој лек, граѓаните мора да земат нов извештај од специјалистот, бидејќи не можат да подигнат „блоцета“ со извештај за „фостер“.

    „Во основа, сите ние се жалиме дека во Македонија се, во одредени категории, цените на лековите повисоки отколку во соседните земји. И тоа е точно за дел од лековите. Во пракса постојат два начини да се влијае на цената на лековите, односно да се намали нивната цена“, кажа Клековски, кој е директор во заминување и е предлог за нов министер за здравство. Новата Влада ќе се гласа во Собранието на 13 јули.

    Како што рече денес Клековски, првиот начин да се намали цената на лекот, е воведување на позитивната листа, при што се преговара со лекопроизводителот на позитивна листа да, воведувањето на позитивна листа биде по пониска цена од претходната цена, бидејќи тоа, по нашето збивање, е пристап до државни субвенции во продажбата на тој лек.

    ​„Вториот начин е воведување на генеричка конкуренција, што е препорачано од Светската здравствена организација (СЗО). Ако има само еден лек кој е еден бренд достапен на позитивната листа, секако мотивот на таа фармацевтска куќа да ја намали цената е многу мал. Воведувањето на конкуренција помага да се намали таа цена, бидејќи влезот на конкуренцијата треба да е по пониска цена. Во однос на лекот ‘фостер’ овој лек беше единствен на пазарот, беше оригиналот. Кога поминаа патентните заштити, се јави генерички лек произведен во Европската Унија, ‘блоцета’. И влезот на ‘блоцета’ на позитивната листа секако беше по доста пониска цена. Значи, референтната цена во оваа категорија на лекови од 2.715 денари со ДДВ се намали на 1.915, цели 800 денари. ​Ова значи дека обезбедивме лек без доплата за корисниците на овој лек, тоа е ‘блоцета’. Меѓутоа, истовремено направивме притисок врз оригиналот ‘фостер’ да размисли како ќе продолжи понатаму. Во една, мислам дека е веќе тринеделна комуникација со нив, производителот на ‘Фостер’ вчера достави соопштение дека прифаќа да биде во продажба во аптеките во Македонија по новата помала референтна цена од 1.915 денари. Што значи дека ‘фостер’ ќе биде достапен без доплата за граѓаните, само со партиципација. И таа партиципација сега ќе биде 20 денари пониска, ќе биде 280 денари, бидејќи референтната цена на овој лек е пониска. Оваа цена ќе стапи во сила по истекување на веќе доставените количини на лекот во аптеката. Очекуваме дека од 1 август ќе биде достапен ‘фостер’ без доплата. ‘Блоцета’ е веќе достапна во аптеките без доплата“, кажа Клековски, додавајќи дека со ова намалување од 800 денари, остануваат околу 50 милиони кои ќе се употребат за до Нова година да воведат лек од најнова генерација за истата категорија на пациенти, за астма и за хронично опструктивна болест.

    Од 1 јули на позитивната листа на лекови се ставени три нови антикоагулантни лекови : „еноксапарин“, „надопарин“ и „ривароксабан“, кои се достапни сега во аптеките.

    Клековски кажа дека ​промената на цените во овие категории очекувано доведува до отпор. Ако се преполови цената, се преполовуваат добивките на фармацевтските куќи, меѓутоа се преполовуваат и маржите во малопродажбата. Веќе почнале да добиваат пријави од граѓани кои се жалат дека аптеки, па дури и матичен лекар, не сакаат да им го дадат или препишат лекот да го подигнат преку Фондот.

    „Ние активно работиме како Фонд во соработка и со матичните лекари и со аптеките да ги надминеме недоразбирањата и сличните. Во последното проширување на позитивната листа, бидејќи воведовме три скапи лека кои се во посебна категорија на контрола, претпоставувам ставувањата и отпорите беа малку поголеми од вообичаените, меѓутоа активно работиме со сите засегнати страни да ги надминеме и мислам дека почетните проблеми ќе се стабилизираат. За да го потврдиме тоа, од вчера почнавме со контроли во аптеки дали се овозможува правото на пациентите да ги добиваат новите лекови на рецепт“, додаде тој.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира