Ќе се ограничи возраста на студентите до кога можат да бидат сместени во студентски домови, кажа денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска, претставувајќи ги измените на Законот за студентски стандард.
„Детектиравме студенти кои со години се сместуваат во домовите, законски наоѓаат начини и ги користат услугите за 3.400 денари да живеат во месецот со сите покриени трошоци за храна, вода, струја и така натаму. Едноставно, презапишуваат години на факултет и добиваат услуги во дом. Отсега максимална старосна граница на студент кој аплицира за сместување во дом ќе биде 30 години“, рече Јаневска.
Во моментов во Собранието се прават измени на Законот во делот на сместувањето и користењето на услугите на студентските домови. Целта е, рече Јаневска, подигнување на безбедноста во објектите и спречување на негативни практики кои постоеја во минатото, како неосновано долгорочно сместување на поединци.
Со втората измена се воведува казнена одредба – забрана од 1 до 5 години за сместување во студентски домови за студенти кои ќе сторат потешка повреда на куќниот ред, ќе направат штета на инвентарот, ќе бидат фатени со алкохол или други супстанци, или ако се констатира навредливо, заканувачко, агресивно или насилничко однесување, физичко или психичко малтретирање, вознемирување, дискриминација или друго недолично постапување со кое се загрозува безбедноста, здравјето, интегритетот и достоинството на студентите и вработените во домот или се нарушува непреченото функционирање на домот.
Јаневска додаде дека во студентските домови се реализираат крупни инвестиции, а два во Скопје, „Кузман Јосифовски-Питу“ и „Стив Наумов“, се во процес на темелна реконструкција, по европски стандарди, која ќе заврши до октомври.
Според неа, „постојат драстични разлики во менаџирањето на домовите, утвредено со ревизија и со анализа на работењето на директорите“.
„За жал, мора да кажам дека ревизијата за работењето на одредени директори има сериозни забелешки, што по принцип на функционирање на законите ќе биде пријавено таму каде што треба да биде пријавено. Имаме многу успешни домови, кои имаат и резерва, а не само да платат струја, да обезбедат храна и да го одржуваат домот, и имаме домови во кои, еве, ќе се случи да се исклучи струјата“, рече Јаневска во врска со ситуацијата во студентскиот дом во Охрид, каде што повеќе од една недела нема електрична енергија поради долг кон ЕВН и директорот си поднесе оставка.
За овој студентски дом во процедура е распишување конкурс за нов директор, а бидејќи е предвиден за реконструкција кон крајот на годината, како што рече, „ќе се потрудиме некако да ги отплаќаме долговите и ќе треба да ги сместиме студентите за што има одлука на Влада“.
„МОН ќе направи сè да ги доведе домовите до нула, но не е сè до МОН. Министерството за образование и наука има одредени ингеренции, но ги нема сите ингеренции ниту над домовите ниту над училиштата. Затоа таму постојат директори, управни одбори и училишни и надзорни одбори. Ќе си ја преземат одоворноста тие што ги воделе домовите“ изјави Јаневска.
Раководствата на тие студентски домови ќе бидат заменети, а по наоди на државната ревизија, таа рече дека МОН пријавува кај истражните органи, т. е. Обвинителството.
Со финансиска рамка од 86 милиони евра од ЕУ, Германската развојна банка и од државата, односно од Министерството за образование и наука, ќе бидат обновени девет државни студентски домови и девет ресурсни центри за децата со попреченост, за кои Јаневска рече фдека се наоѓаат во незавидна состојба.
Б. НЕСТОРОСКА



