ОХРИДСКИОТ СТУДЕНТСКИ ДОМ „НИКОЛА КАРЕВ“ Е БЕЗ СТРУЈА ЕДНА НЕДЕЛА ПОРАДИ ДОЛГ ОД 50.000 ЕВРА, ДИРЕКТОРОТ СИ ПОДНЕСЕ ОСТАВКА

    ОХРИДСКИОТ СТУДЕНТСКИ ДОМ „НИКОЛА КАРЕВ“ Е БЕЗ СТРУЈА ЕДНА НЕДЕЛА ПОРАДИ ДОЛГ ОД 50.000 ЕВРА, ДИРЕКТОРОТ СИ ПОДНЕСЕ ОСТАВКАДенеска и последните тројца студенти ги напуштија темните соби, велат дека останале во Охрид поради последната испитна сесија, но условите во кои престојувале биле неподносливи. (Фото: СДК.МК)

    Студентскиот дом „Никола Карев“ во Охрид веќе една недела е без електрична енергија поради долг кон ЕВН кој, според информациите, надминал три милиони денари (околу 50.000 евра). Во меѓувреме, директорот на установата, Жарко Куциноски, си поднесе неотповиклива оставка, наведувајќи лични причини.

    Студентите кои до денеска престојуваа во домот, наместо достоинствени услови за живот и учење, се соочуваа со секојдневие исполнето со темни простории, неможност да ги користат основните електрични уреди и да ја одржуваат личната хигиена, бидејќи со недели претходно немаа ниту топла вода.

    Денеска и последните тројца студенти ги напуштија темните соби. Велат дека останале во Охрид поради последната испитна сесија, но условите во кои престојувале биле неподносливи.

    „Немавме можност да ги полниме телефоните и лаптопите, а камоли нормално да се подготвуваме за испитите. Состојбата е неиздржлива“, велат студентите.

    Поради прекинот на електричната енергија откажани се и комерцијалните резервации, односно гостите кои традиционално престојуваат во домот во текот на летниот период.

    Засега нема оговор од надлежните институции за тоа кога ќе биде вратено електричното напојување и на кој начин ќе се надмине финансискиот проблем.

    Ова не е првпат студентскиот дом „Никола Карев“ да остане без струја. И во февруари годинава, поради неплатени сметки за електрична енергија, домот остана без струја, а студентите тогаш останаа и без греење и без топла вода.

    Министерството за образование и наука (МОН) тогаш потврди дека четири студентски домови, меѓу кои и охридскиот, имаат големи долгови. Оттаму најавија дека МОН ќе се вклучи во решавање на проблемот.

    Министерката за образование Весна Јаневска, рече дека ќе треба да се направат измени во начинот на финансирање на домовите. Според неа, наталожените долгови се резултат на долгогодишно несовесно менаџирање и системски проблеми кои бараат трајно решение.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира