САД БАРААТ ОД ИРАН ЈАВНО ДА ВЕТИ БЕЗБЕДНА ПЛОВИДБА НИЗ ОРМУСКИОТ ТЕСНЕЦ

    САД БАРААТ ОД ИРАН ЈАВНО ДА ВЕТИ БЕЗБЕДНА ПЛОВИДБА НИЗ ОРМУСКИОТ ТЕСНЕЦВисоки американски функционери наведуваат дека Техеран ги објаснил нападите како обид на радикална фракција да ги поткопа преговорите. (Фото: Максар)

    САД бараат од Иран јавно да соопшти дека стратешкиот Ормуски теснец е отворен и да се обврзе дека ќе престане да пука кон комерцијални бродови, во рамки на преговорите што во сабота треба да се одржат во Оман.

    Американските медиуми пренесуваат изјави на неименувани официјални лица кои тврдат дека Техеран во приватни разговори со советниците на претседателот Доналд Трамп признал дека нападите врз бродовите биле грешка. Според истите извори, иранските претставници ја префрлиле одговорноста врз одметната внатрешна група.

    Трамп соопшти дека двете страни се согласиле да ги продолжат разговорите и покрај неодамнешните судири во Ормускиот теснец, кои Белата куќа ги оцени како прекршување на прекинот на огнот.

    Од друга страна, иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи изјави на социјалната мрежа Икс дека неговата земја го одржала зборот во однос на прекинот на огнот, обвинувајќи ги САД за прекршување на договорот. Во јуни минатата година, САД и Иран потпишаа договор со кој Техеран се обврза да обезбеди безбеден премин за комерцијалните бродови.

    Високи американски функционери за „Си-Би-Ес Њуз“ наведуваат дека Техеран ги објаснил нападите како обид на радикална фракција да ги поткопа преговорите. Еден од функционерите изјави за телевизиската мрежа дека иранската страна се вратила на преговарачката маса со признание за направената грешка и желба за продолжување на дијалогот.

    Саботните преговори од американска страна се очекува да ги предводат потпретседателот Џеј Ди Венс, државниот секретар Марко Рубио, како и специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер, кои се силно вклучени во разговорите за Блискиот Исток. На средбата е најавено и присуството на иранскиот министер Аракчи.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира