Десет лица се приведени во рамки на специјализирана операција на бугарската гранична полиција, спроведена против организирана шема за измами со рент-а-кар возила. Штетата од дејствувањето на групата се проценува на околу 900.000 евра, соопштија од граничната полиција.
Во акцијата биле извршени претреси на 14 адреси низ Бугарија. Организаторот на шемата, заедно со уште тројца учесници, е кривично гонет.
Според истражителите, организаторот ги координирал таканаречените „мулиња“ – лица кои со сопствени лични документи изнајмувале возила од компании во Германија. Потоа возилата биле пренесувани во Бугарија.
Истрагата започнала откако зачестиле случаите на автомобили, објавени за исчезнати во Германија, кои подоцна биле пронајдени на бугарска територија. При првичните проверки биле утврдени и одземени седум автомобили, сите со прва регистрација во 2025 година.
Во текот на истрагата се собрани податоци за бугарски државјани поврзани со криминалната дејност, како во Бугарија, така и во Германија. Досега се утврдени докази за вкупно 15 моторни возила поврзани со шемата.
При извршените претреси биле одземени документи, платежни средства користени во криминалната дејност, како и мотоцикл што се барал од германските власти.



