БРОЈОТ НА ПРОНАЈДЕНИ БОМБИ И ГРАНАТИ НА ЕДНА ПАРЦЕЛА ВО БИТОЛСКАТА КАСАРНА ДОСТИГНА 1.443, СИТЕ ГИ ИЗВЛЕЧЕ ЕДЕН ПИРОТЕХНИЧАР

    БРОЈОТ НА ПРОНАЈДЕНИ БОМБИ И ГРАНАТИ НА ЕДНА ПАРЦЕЛА ВО БИТОЛСКАТА КАСАРНА ДОСТИГНА 1.443, СИТЕ ГИ ИЗВЛЕЧЕ ЕДЕН ПИРОТЕХНИЧАРСите бомби и гранати од парцелата сам ги извлече пиротехничарот Ѓорѓи Стефанов. (Фото: СДК.МК)

    Во изминатите два месеца откриени и отстранети се уште 375 неексплодирани убојни средства од Првата светска војна на истата приватна парцела во старата касарна во Битола, каде до 5 мај беа пронајдени, отстранети и уништени вкупно 1.067 парчиња минофрлачки, тромблонски гранати и рачни бомби.

    Според пиротехничарот Ѓорги Стефанов од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), досега вкупно се откриени 1.443 парчиња. Од нив 1.067 се уништени на полигонот во Криволак, а за останатите 375 терминот е одложен за подоцна бидејќи поради високите температури постои опасност од пожари.

    Сите бомби и гранати од парцелата сам ги извлече Стефанов. Но, акцијата сега е запрена бидејќи има уште количини муниција, па пиротехничарот очекува помош во акцијата за извлекување. Местото е обезбедено и се апелира до граѓаните да не се доближуваат заради безбедност.

    Инаку, во Македонија останаа само уште двајца пиротехничари кои мора да ја покријат целата територија во зависност од повиците за откопување бомби што ги добиваат. Претходно имаше обуки од американски експерти, но со укинувањето на помошта и фондовите од САД, обуките прекинаа. Во меѓувреме, дел од пиротехничарите се пензионираа. Од Дирекцијата соопштија дека преземаат мерки за обезбедување соодветен кадар.

    Во Македонија останаа само уште двајца пиротехничари кои мора да ја покријат целата територија во зависност од повиците за откопување бомби. (Фото: СДК.МК)

    „Веќе најдов кандидат кој ги исполнува сите услови, ги има потребните сертификати и во овој момент се одвиваат формалните процедури за да се обезбедат финансии за негово вработување. Ги повикувам потенцијалните кандидати кои имаат соодветни сертификати за отстранување, пренос и уништување на експлозивни средства да дојдат да поразговараме, ќе се најде работно место. Во следниот период ќе имаме владина процедура во која ќе се обидеме да направиме селекција на заинтересирани кандидати, бидејќи законските решенија не се најпогодни за вистински избор. Ние по вработувањето ги праќаме на обука која трае една и пол до две години, а се случува дел од кандидатите да се откажат од најразлични причини или дел да не ги положат најопходните тестови. Затоа инвестирањето во вакви кадри не е едноставно“, рече Стојанче Ангелов, директор на ДЗС, при посетата на парцелата со бомби во април годинава.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира