ОТВОРЕНО СОВЕТУВАЛИШТЕ ЗА МЕДКАМЕНТОЗЕН АБОРТУС ВО БИТОЛА, ВТОРО ВО ЈАВНОТО ЗДРАВСТВО ПО СКОПЈЕ

    ОТВОРЕНО СОВЕТУВАЛИШТЕ ЗА МЕДКАМЕНТОЗЕН АБОРТУС ВО БИТОЛА, ВТОРО ВО ЈАВНОТО ЗДРАВСТВО ПО СКОПЈЕСо советувалиштето во Битолската болница жените од Пелагонискиот и соседните региони добиваат пристап до оваа здравствена услуга поблиску до местото на живеење. (Фото: СДК.МК)

    Асоцијација за здравствена едукација и истражување ХЕРА и битолската Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“ во Битола го отворија првото советувалиште за медикаментозен абортус надвор од Скопје. Со тоа се прошири пристапот до безбеден абортус и современи услуги за сексуално и репродуктивно здравје во државата. Ова советувалиште, по она во Скопје, е второ во рамки на јавното здравство во Македонија.

    Медикаментозниот абортус е безбедна, високо ефективна и неинвазивна метода за прекин на бременоста, препорачана од Светската здравствена организација (СЗО) како стандарден дел од современата здравствена заштита. Кога се обезбедува согласно клиничките упатства, методата е успешна во повеќе од 95 % од случаите, поврзана е со помал ризик од компликации и овозможува поголема приватност, достоинство и комфор за жените.

    „Со воспоставувањето на советувалиштето, жените за првпат ќе можат да добијат целосна здравствена услуга за медикаментозен абортус во нашата болница, во безбедна, доверлива и достоинствена средина, согласно препораките на Светската здравствена организација и националните клинички упатства“, изјави спец. д-р Михајло Вангелов, раководител на Одделението за гинекологија и акушерство во Битолската болница.

    Жените од Пелагонискиот и соседните региони добиваат пристап до оваа здравствена услуга поблиску до местото на живеење. Значително се намалуваат географските, финансиските и организациските бариери со кои досега се соочувале, особено оние од руралните средини, ранливите и маргинализираните заедници.

    Во болницата во Битола адаптирани се простории, набавена е потребната медицинска опрема и обучен е здравствен тим.

    „Отворањето на советувалиштето е дел од нашата заложба да воведуваме современи здравствени услуги, да ги јакнеме капацитетите на здравствените работници и да градиме болница во која пациентите имаат доверба“, изјави спец. д-р Ненси Лозанче, директорка на Битолската болница.

    Советувалиштето во Битола е воспоставено по моделот развиен на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје, каде услугата успешно се обезбедува од 2021 година. Податоците од Клиниката за 2024 година покажуваат дека 93,5 % од сите абортуси биле извршени со медикаментозна метода

    „Вредноста на здравствените политики не се мери според бројот на усвоени документи, туку според тоа дали тие се претвораат во реални здравствени услуги достапни за граѓаните. Податоците потврдува дека жените ја препознаваат како безбедна, прифатлива и современа метода“, изјави спец. д-р Велимир Савески, претседател на ХЕРА.

    Советувалиштето за медикаментозен абортус е воспоставено во рамки на проектот „Проширување на пристапот до безбеден абортус во Република Северна Македонија“, кој ХЕРА го реализира со поддршка од Safe Abortion Action Fund и Меѓународната федерација за планирано родителство.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира