ДУИ ЈА НАПУШТИ СЕДНИЦАТА НА ТЕТОВСКИОТ СОВЕТ ИАКО Ѝ БЕШЕ ПРИФАТЕНА ПРЕДЛОГ-ТОЧКАТА ЗА ПРЕИМЕНУВАЊЕ УЛИЦИ

    ДУИ ЈА НАПУШТИ СЕДНИЦАТА НА ТЕТОВСКИОТ СОВЕТ ИАКО Ѝ БЕШЕ ПРИФАТЕНА ПРЕДЛОГ-ТОЧКАТА ЗА ПРЕИМЕНУВАЊЕ УЛИЦИСоветниците од ДУИ не се согласија нивниот предлог за преименување на 67 улици да биде последна точка (Фото: СДК.МК)

    Четири часа и две големи паузи за координации беа потребни за усвојување на дневен ред на Советот на Општина Тетово за денешната 15. седница, чија работа ја напуштија советниците од ДУИ, иако беше прифатен нивниот предлог да има точка за преименување на 67 улици. Овој предлог, освен од ДУИ, беше изгласан и со гласовите на советниците на „Вреди”, додека останатите советници гласаа против и воздржано.

    Советниците од ДУИ не се согласија нивниот предлог за преименување на 67 улици да биде последна, по веќе предвидените 25 точки од дневниот ред. По втората координација, тие ја напуштија седницата.

    Ја напуштаме седницата затоа што не знам колку пати побаравме нашата точка да биде прва на дневен ред. Но, колегите од Вреди‘, почнувајќи од претседателот, цело време одбиваа такво нешто. Имавме три-четири пати состанок меѓу себе, пак се одлучи да не биде прва точка на дневниот ред, изјави Берат Мурати, координатор на советничката група на ДУИ.

    ДУИ достави предлог за именување улици откако Уставниот суд на 17 јуни ја укина одлуката на Советот на Општина Тетово за преименување на улици од 2007, во време кога градоначалник беше од оваа партија.

    Алби Ќамили, советник од „Вреди“ и заменик-градоначалник, оцени дека ДУИ прави вештачки тензии за да се засени веста за почнување на работите на патот Тетово-Призрен или многу други работи кои ги прави локалната власт.

    Денеска видовме чудно однесување на советниците на ДУИ, кои во обид да направат политички театар, предложија прегласување на имињата на улиците. Откако нивното барање беше прифатено од наша страна, советниците на ДУИ ја напуштија седницата. Комисијата за преименување на улиците утре ќе има состанок, каде што ќе почне решавањето на проблемот,според сите процедури“, рече Ќамили.

    Сојузот на борци од Народнослободителната и антифашистичка војна на Македонија (НОАВМ) и граѓаните продолжувачи-Тетово остро го осуди предлогот за промена на имиња на улици поднесен до Општина Тетово од ДУИ.

    „Ниту еден обид за историски ревизонизам, за оживување на поразените сили, за рехабилитирање на поединци дел од антидржавни проекти, движења и организации од било кој историски период, за промовирање на фашизмот и балистичките фашисти, за истакнување на терористи, озогласени злосторници кои кренале рака на народот и државата, нема да помине. Исто така, во унитарната Македонија, каде рамноправно живее македонскиот народ со граѓаните од албанска, српска, турска, ромска, босанска и друга припадност, притоа градејќи ја македонската нација во современа, демократска и суверена држава, именувањето на улици во градот Тетово, со име на поединци со заслуги кои не се врзани со македонската нација, немаат универзално значење, туку се тесно врзани со историјата и општествените текови (или само со нивното еднострано толкување) на други држави и региони како Албанија, Косово и слично, не е прифатливо. Секој треба да знае дека во државата Македонија секој формален и неформален гест, секое именување на инфраструктурен објект мора да се гради низ официјалниот македонски историски наратив, а не истиот да се стави во сенка на нечии романтичарски, политички или популистички желби. Ова е држава со свој уставно-правен поредок и историско-правен развој, а не мегдан за лечење на фрустрации, на начин кој не е дозволен никаде, во ниту една држава во светот“, се вели меѓу другото во реакцијата на НОАВМ.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира