Советот на јавните обвинители, Јавното обвинителство на Македонија и Здружението на јавните обвинители реагираа што Уставниот суд не постапува по поднесените иницијативи против тоа што по третпат беа намалени коефициентите за пресметка на платите на обвинителите. Државниот обвинител Ненад Савески неодамна во тв-интервју кажа дека обвинители му кажуваат оти ќе си побараат отказ и ќе конкурираат на огласите за судии, на кои никој не им ги крати платите и коефициентите.
Уставниот суд подолго време не постапува по иницијативите за оценување на уставноста на одредбите од Законот за изменување и дополнување на Законот за платите на јавните обвинители, како и на Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители, со кои по третпат беа намалени коефициентите за пресметка на платите на јавните обвинители.
„Со ваквото непостапување веќе е создаден сериозен диспаритет во статусот меѓу јавните обвинители и судиите, со што директно е засегната уставно гарантираната самостојност на Јавното обвинителство како државен орган. Уште еднаш нагласуваме дека финансиската независност претставува една од основните институционални гаранции за независно и непристрасно вршење на јавнообвинителската функција и не може да биде предмет на произволни и повторливи интервенции без објективни, јасни и уставно оправдани причини. Уставот на Република Северна Македонија ја утврдува посебната положба на Јавното обвинителство како самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела и други казниви дела определени со закон. Таквата уставна поставеност не претставува формална определба, туку суштинска гаранција дека јавните обвинители својата функција ќе ја извршуваат слободно, професионално и без влијание од која било гранка на власта“, се вели во заедничката реакција.
Законските решенија со кои се нарушува финансиската положба на јавните обвинители мора да бидат предмет на строга уставно-судска контрола, имајќи предвид дека тие можат директно да влијаат врз институционалната независност на обвинителството и врз довербата на јавноста во неговото работење, сметаат обвинителите.
„Дополнително, прашањето за рамноправен третман на самостојноста на јавното обвинителство со незвисноста на судството е веќе надминато во сите модерни европски држави. Советот на јавните обвинители, Јавното обвинителство на Република Северна Македонија и Здружението на јавните обвинители очекуваат Уставниот суд, како чувар на уставноста и законитоста, да обезбеди ефикасна и навремена уставно-судска заштита на начелото на поделба на власта, владеењето на правото и уставно гарантираната самостојност на Јавното обвинителство. Финансиската независност не е привилегија на носителите на јавнообвинителската функција. Напротив, секое законско решение со кое без објективни и уставно оправдани причини се обезвреднуваат примањата на јавните обвинители, неизбежно влијае врз положбата на Јавното обвинителство како самостоен државен орган и создава ризик од нарушување на принципот на поделба на власта“, сметаат обвинителите.
Од тие причини, тие бараат „Уставниот суд да ја отстрани секоја опасност да се дозволи директна контрола на извршната власт врз обвинителството во конкретниот случај со манифестирање низ намалувањето на коефициентите во Законот за платите на јавните обвинители и Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија“, бидејќи понатаму неминовно ќе се проектира и во сите останати сегменти на јавнообвинителското работење и ќе предизвика целосно нарушување на позицијата на Јавното обвинителство во системот.



