Украина и клучните европски сојузници објавија коалиција за воздушна одбрана што би вклучувала заеднички развој на нов систем за борба против балистички ракети како алтернативно и поевтино решение на американскиот систем „Патриот“. На самитот на Коалицијата на волните во Париз, лидерите на десет земји и десетина фирми од одбранбениот сектор разговараа за формирање она што го нарекоа Интегрирана коалиција против балистички ракети.
„Веруваме дека заштитата на Европа бара глобално решение за ракетна одбрана заради одвраќање и поразување на идните ракетни закани. Тоа ќе ги надополни постојните системи за одбрана од балистички ракети, вклучувајќи ги и суверените европски решенија што веќе се стекнати или ќе ги стекнат земјите-учеснички“, изјавија лидерите на Данска, Франција, Германија, Италија, Холандија, Норвешка, Шпанија, Шведска, Украина и Велика Британија.
Украина има критичен недостиг на муниција за своите системи и во голема мера не беше во можност да соборува балистички ракети во изминатите месеци.
Новата коалиција ќе се фокусира на проектот „Фреја“, обидот на Украина да изгради поевтина алтернатива на системот „Патриот“.
„Колку повеќе средства има Украина за соборување руски балистички ракети, толку е поголема шансата Путин да седне на преговарачка маса, бидејќи неговиот последен аргумент во оваа војна повеќе нема да функционира. Нашата работа на заеднички систем не е наменета да ги замени постојните системи. Тоа е начин да ја дополниме нашата одбрана, да создадеме силен штит над цела Европа и да го направиме сето ова побрзо и по пониска цена“, кажа Володимир Зеленски.
Тој додаде дека системот ќе ја спои стручноста од неколку европски фирми и се очекува да биде оперативен во рок од 12 месеци.



