Центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип едвај обезбеди место за сите 180 лица колку што добиле билети за премиерата на претставата „Годо“ која се изведе синоќа на големата сцена каде на едно место беа и актерите и публиката, како што предвидувало самото сценарио на режисерот Ѓорѓи Ризески.
Билетите ги распределува Општина Штип, која како главен покровител на сите настани во рамките на Штипското културно лето издала двојно повеќе билети отколку што е капацитетот на самата сцена, односно речиси половина од тоа.
Како што велат вработените во Центарот за култура, тие сепак се потрудиле да обезбедат места за повеќе од половината кои добиле билети или севкупно 130 столчиња, па дел од публиката се снашла да ја гледа претставата стоејќи, дел седнаа во големата сала на Центарот и ја следеа претставата како радиодрама. Дел си замина дека со намера дека по летните одмори ќе ја гледаат оваа претстава оти Народниот театар веќе ја ставил во неговата редовна програма.
„Една група љубители на театарот со резервирани билети на закажниот термин отишле во Народниот театар, мислејќи дека таму ќе биде прикажана. Кога се вратиле во Центарот на култура веќе било доцна оти од преставата веќе изминало половина час, па така оганизиторот некако се извлекол од можните реакции околу недостиг на столчиња за сите што имале резервирано билети“, вели директорот на „Ацо Шопов“, Пеце Ристевски.
Претставата „Годо“ е по мотиви на „Чекајќи го Годо“ од ирскиот нобеловец Семјуел Бекет и како проект е копродукција помеѓу Народниот театар „Јордан Хаџи Костантинов-Џинот“ од Велес, Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ од Куманово и на „Ацо Шопов“ во Штип. Покрај во Штип, од септември претставата премиерно ќе се игра и во театрите во Велес и Куманово.
Т. ЈОВАНОВСКИ



