Содржината на органската материја (хумус) во почвите во Македонија е намалена како последица на проретчениот сточен фонд. Во минатото хумусот изнесувал 3 до 4 проценти, а сега е намален на 1,5. Во најголемата житница во земјава Пелагонија порано достигнувал 6 до 7 проценти, а денес е преполовен на 2,5 до 3. Резултатите ги презентираше Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството (АПРЗ) од Битола, добиени во рамки на проектот „Карбоника“ (CARBONICA), изработен од педологот, проф. д-р Миле Маркоски.
Беа анализирани 47 примероци почва од 33 земјоделски парцели, во акредитираната лабораторија за анализа на почва и ѓубрива при Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје. Целта беше да се добијат релевантни податоци за состојбата на органската материја и за потенцијалот за складирање јаглерод во почвите.
„Почвите во Македонија порано биле многу побогати со органска материја, тоа доаѓало од присуството на поголем сточен фонд. Како што се намалува сточниот фонд, така и враќањето на органската материја во почвата е оневозможено. Целта на сите земјоделски практики што треба да се преземат е што е можно поголемо количество на органска материја и поголема акумулација на органски јаглерод во почвите заради зачувување на животната средина, борба против климатските промени, зачувување на биодиверзитетот во почвата и намалување на штетното влијание на останатите средства – пестициди и хербициди“, рече Маркоски.
Онаму каде што се применуваат добри земјоделски практики има враќање на органската материја преку шталско ѓубриво од сточниот фонд или со други подобрувачи на почвените својства. Но, генерално, почвите во Македонија се средно или слабо обезбедени со органска материја и органски јаглерод.
Резултатите беа презентирани и пред земјоделците, со цел да се едуцираат какви мерки да преземат за подобрување на педолошкиот состав на земјата.
„Резултатите од ‘Карбоника’ ни даваат конкретни препораки кои ќе им помогнат на земјоделците да ги зголемат продуктивноста и одржливоста на своите стопанства. Нашата цел е секој земјоделец да има пристап до стручна поддршка и препораки, кои ќе придонесат за поконкурентно и поодржливо производство“, рече директорот на АПРЗ, Пеце Стојковски.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



