Многумина го означија финалето на Светското првенство во САД, Канада и Мексико како предавање на круната, без разлика кој ќе победи. На крајот, Шпанија на 19-годишниот Ламин Јамал ја совлада Аргентина на 39-годишниот Лео Меси со 1:0 и по вторпат стана светски првак.
Меси беше во солзи по мечот, бидејќи, неминовно, неговото време во аргентинската репрезентација завршува. Од друга страна, времето на Јамал допрва доаѓа, а веќе има освоено и европско и светско првенство, прв на кој му успеало тоа како тинејџер.
Пред само неколку години, Јамал бил тинејџер кој растел во работничката населба Рокафонда, а за вчерашниот момент се спремал откако бил забележан од фудбалските скаути на шестгодишна возраст.
„Мајка ми ме роди кога имаше 16 години. Татко ми мораше да излегува и да заработува за живот, понекогаш собирајќи работи на улица за да ни донесе храна дома. За мене, тоа е вистински притисок, а не ова што го имам“, рече Јамал неодамна во интервју за шпанската радиостаница „Кадена СЕР“.
Тој е израснат во центар за мигранти во Матаро, 40-ина километри североисточно од Барселона. Половина од населението на Рокафонда живее под линијата на сиромаштија. А, Јамал е горд на своите корени и секогаш кога ќе постигне гол, со прсти го покажува бројот „304“, референца на поштенскиот број на Рокафонда.

Јамал е израснат во центар за мигранти во Матаро, 40-ина километри североисточно од Барселона (Фото: Гети)
Неговиот татко Мунир Насрауи емигрирал во оваа работничка енклава од Мароко, а мајка му Шила Ебана потекнува од Екваторијална Гвинеја.
Уште од рана возраст било јасно дека Јамал има извонреден талент. На само шестгодишна возраст бил скаутиран од ФК Барселона додека играл за локален клуб во близина на неговиот роден град. Скаутите потоа го довеле во јуниорскиот тренинг центар на Ла Масија, славната фудбалска академија на Барселона, од која произлегоа и Меси, Чави и Иниеста. Тој се приклучил на клубот на само седум години.
Јамал дебитираше за првиот тим на Барселона на 15 години, најмлад во историјата на клубот, што е првиот во низата рекорди што ги собори. Првиот меч за шпанската репрезентација го одигра на 16 години и потоа ја предводеше до титулата на Европското првенство 2024 во Германија.
Денес, Јамал се води како десеттиот најплатен фудбалер на светот, со заработка од 43 милиони долари минатата година.




