Над 1.000 повици од граѓани се евидентирани засега во Центарот за управување со кризи (ЦУК) поради невремето проследено со силен ветер, кое попладнево го зафати Скопје, соопшти директорот Мухамед Али.
Во Скопје е пријавена падната кровна конструкција од зграда на улицата Женевска бр. 10, при што се оштетени повеќе патнички возила. Регистрирани се и паднато дрво врз моторно возило на улицата Методија Митевски, паднато дрво на улицата Никола Тримпаре, како и падната кровна конструкција на улица Трифун Бузев.
Исто така, пријавено е дека дел од кровната конструкција на ООУ „Владо Тасевски“ е откорната од силниот ветер. На улицата Хелсинки бр. 5 се регистрирани две паднати дрвја, додека на Скупи бр. 89 паднати дрвја оштетиле електрични кабли, патничко возило и дел од куќа.
Во Куманово е пријавена падната кровна конструкција на булевар Октомвриска револуција.
„За сите пријавени настани се известени и постапуваат надлежните служби, кои се на терен и работат на расчистување и отстранување на последиците од невремето“, вели Али.
И во Тетово од силниот ветер однесени 2 покрива и соборени се дрва. Засега нема податоци за други штети.



