ВАЖНО Е ДА ИЗГРАДИМЕ ПОГОЛЕМА СВЕСТ ЗА МЕНТАЛНОТО ЗДРАВЈЕ, РЕЧЕ РЕЖИСЕРОТ МИТКО ПАНОВ ЗА „ЖЕЛЕЗНА ТВРДИНА“ СНИМЕН СО ПАЦИЕНТИТЕ ВО ПСИХИЈАТРИСКАТА БОЛНИЦА ВО ДЕМИР ХИСАР

    ВАЖНО Е ДА ИЗГРАДИМЕ ПОГОЛЕМА СВЕСТ ЗА МЕНТАЛНОТО ЗДРАВЈЕ, РЕЧЕ РЕЖИСЕРОТ МИТКО ПАНОВ ЗА „ЖЕЛЕЗНА ТВРДИНА“ СНИМЕН СО ПАЦИЕНТИТЕ ВО ПСИХИЈАТРИСКАТА БОЛНИЦА ВО ДЕМИР ХИСАРПубликата го доживува филмот многу емотивно и се интересира за луѓето, рече Панов за хибридниот играно-документарен филм „Железна тврдина“ на проекцијата на Бич филм фестивал. (Фото: Сцена од филмот)

    Со силна порака за човечноста, достоинството и моќта на уметноста како средство за лекување и разбирање, преку проекцијата на хибридниот играно-документарен филм на режисерот Митко Панов, започна осмото издание на Бич филм фестивал во Охрид. Филмот е снимен во соработка со штитениците од Психијатриската болница во Демир Хисар, а во разговорот со режисерот Митко Панов по проекцијата се отвори искрена дискусија за менталното здравје и улогата на уметноста во процесот на рехабилитација.

    Прашањата не се однесуваа само на процесот на снимање, туку и на вистинските луѓе чии приказни се дел од филмот, нивните животи и искуства, како и на начинот на кој е изградена довербата со нив. Посебен интерес предизвика и темата за менталното здравје, при што дискусиите најчесто беа насочени кон прифаќањето и потребата од поголема емпатија и разбирање. Според Панов токму на овој начин филмот ја продолжува својата мисија и по завршувањето на проекцијата.

    „Публиката го доживува филмот многу емотивно и се интересира за луѓето. Доколку има солзи, забележав дека тие не доаѓаат во ист момент или на иста сцена. Тоа е едноставно кумулативен ефект, филмот истовремено предизвикува и смеа и солзи. Во центарот на филмот е човекот, а токму ликовите се причината поради која овој филм постои. Тие не се професионални актери, туку вистински луѓе, чии изведби се исклучително спонтани, природни и уверливи“, вели Панов.

    Во „Железна тврдина“, во продукција на „Пиреј филм“, Панов сака да покаже дека филмот не е само уметност, туку и моќна алатка за комуникација, разбирање и рушење на предрасудите. Наместо да зборува во име на луѓето со психички нарушувања, филмот им дава простор тие самите да ја раскажат својата приказна, искрено, достоинствено и без стереотипи.

    „Важно е да изградиме поголема свест за менталното здравје воопшто. Тоа веќе подолг период, особено во последните шест години, се соочува со сериозна криза, најизразена кај адолесцентите, а ние честопати го игнорираме тој проблем. Би биле задоволни доколку успееме барем малку да ја подигнеме свеста, да поттикнеме поголемо внимание и повеќе разбирање и почит кон луѓето кои се борат да ја одржат својата психичка рамнотежа“, вели Панов.

    Проектот започнал како филмска работилница со пациенти од болницата, но со текот на времето прераснал во долгометражно филмско остварување во кое осуммина штитеници од Центарот за рехабилитација на Психијатриската Болница во Демир-Хисар се појавуваат во актерски улоги. Филмот ги спојува документарниот и играниот пристап. Базиран на вистински случки, ги преплетува реалноста, фикцијата и фантазијата, создавајќи автентичен филмски свет во кој учесниците стануваат и автори на сопствените приказни. Токму затоа, „Железна тврдина“ не е само филмска приказна, туку и сведоштво за тоа како креативниот процес може да стане терапија и простор за лична трансформација.

    Покрај штитениците, во филмот настапуваат и Пол Гордон, Синоличка Трпкова, Игор Џамбазов, Васко Тодоров, Благоја Грујовски, Мишел Трајковски, Атиџе Муратова и Боби Додевски-Шлукс.

    Панов вели дека она што започнува како набљудување на секојдневниот живот постепено прераснува во филмска реалност создадена од самите учесници: „Болничкиот простор истовремено станува вистинска средина и сцена за фиктивни ситуации, каде што личните приказни, фантазијата и креираните идентитети се испреплетуваат. Така, ‘Железна тврдина’ покажува дека, гледано одблиску, границите меѓу нормалното и ненормалното се многу помалку јасни отколку што општеството често претпоставува“.

    Годинешното издание на Бич филм фестивал , кое трае до 26 јули, ја претвора охридската ривиера во кино под отворено небо. По синоќешните проекции на „Железна тврдина“ и „Самоуништување“ на Ербил Алтанај и продуцентот-актер Јовица Михајловски, програмата продолжува со филмови на плажите Славија и Сараиште, на бродот „Армада“ и во Младинскиот центар Охрид.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира