НАД 100 ПАДНАТИ ДРВЈА, ОШТЕТЕНИ 18 КОЛИ ВО НЕВРЕМЕТО ВО КУМАНОВО

    НАД 100 ПАДНАТИ ДРВЈА, ОШТЕТЕНИ 18 КОЛИ ВО НЕВРЕМЕТО ВО КУМАНОВОМВР соопшти дека во Куманово имале 25 интервенции, од кои 18 се однесуваат на паднати дрвја врз автомобили. (Фото: СДК.МК)

    Над сто повици упатиле граѓаните до надлежните општински служби по силното невреме што вчера попладне го зафати Куманово. Најголем дел од нив, околу 70 проценти, биле за интервенции поради паднати дрвја, бандери и кровови, додека останатите се однесувале на пријавување материјална штета.

    Утринава заседаваше Кризниот штаб за заштита и спасување на Општина Куманово, кој ја разгледа состојбата и последиците од невремето.

    „Од МВР имаме информација дека имале 25 интервенции, од кои 18 се однесуваат на паднати дрвја врз автомобили. Има паднат голем лимен кров на улицата Благоја Илиев-Гуне, а помали оштетувања има на улиците Ленинова, Гоце Делчев и булеварот Октомвриска револуција, каде што се оштетени покриви на гаражи“, изјави Емилија Сларидис-Јаневска, секретар на Општина Куманово, по седницата на Кризниот штаб.

    Командирот на Територијалната противпожарна единица Куманово, Борис Станковски, кажа дека пожарникарите интервенирале на околу 20 локации, најмногу поради оштетени кровови.

    „Интервениравме на отстранување паднати лимови од кровови, како и на расчистување паднати дрвја од коловозите заедно со екипите на ЈП ‘Чистота и зеленило’. Имавме и интервенција за спасување лице заглавено во автомобил на раскрсницата меѓу улицата Доне Божинов и булеварот Октомвриска револуција, поради надојдена вода, како и интервенција при пожар во куќа на улицата Светозар Марковиќ. Другите интервенции беа на поплавени куќи и подруми“, изјави Станковски.

    Во ЈП „Чистота и зеленило“ биле пријавени повеќе од 100 паднати дрвја, па синоќа и во текот на ноќата за расчистување биле ангажирани сите расположливи човечки и технички ресурси.

    „Дел од дрвјата беа паднати во приватни дворови, а дел на јавни површини и во паркови. Приоритет ни беше расчистувањето на улиците и тротоарите во централното градско подрачје, за безбедно одвивање на сообраќајот и движењето на граѓаните. Се координираме со сите служби за навремено отстранување на последиците од невремето“, изјави Томиќ.

    Надлежните побараа трпение од граѓаните, нагласувајќи дека последиците од невремето се големи и дека динамиката на расчистувањето не зависи само од нивната работа, туку и од постапувањето на другите институции. Во одредени случаи неопходно е ЕВН претходно да го исклучи напојувањето со електрична енергија, а МВР да изврши увид пред да започне отстранувањето на штетите. Таков е случајот со откорнатиот кров на улицата Благоја Илиев-Гуне.

    Невремето ја оштети и електричната мрежа, па дел од градот и приградските населби се уште немаат струја.

    На официјалнаѕа интернет страница на Општина Куманово се објавени телефонските броеви на кои граѓаните можат да пријават материјална штета. Формирана е комисија која ќе врши увид на терен и ќе ја утврдува висината на штетата.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира