САД потпишаа значаен договор со Саудиска Арабија, што ќе ѝ овозможи да развива цивилна нуклеарна програма, во што ќе учествуваат и американски компании. Текстот од договорот не беше објавен јавно, но американските медиуми објавија дека тој ќе ѝ дозволи на Саудиска Арабија да збогатува ураниум во иднина.
Експертите велат дека ова создава ризик од идна нуклеарна пролиферација во веќе нестабилниот регион.
Министерството за енергетика на САД кажа дека покрај договорот за соработка, потпишан е и „двостран договор за заштитни мерки“. Ова е првпат САД да ѝ помагаат на друга земја да збогатува ураниум на своја територија.
„Овие два договора ја поставуваат правната основа за децениско партнерство вредно повеќе милијарди долари, кое унапредува неколку приоритетни економски и стратешки цели, вклучително и неширење на нуклеарно оружје“, се вели во соопштението.
Објавата уследи среде ескалацијата на војната во Иран, што САД ја започнаа во февруари за да го спречат да развие нуклеарно оружје.
Договорот би можел да вреди милијарди долари за САД, чии компании ќе бидат вклучени во изградба на објект за производство на збогатен ураниум, кој може да се користи како гориво за електрани, но и за атомски бомби.
Нуклеарни експерти и поранешни израелски функционери изразија загриженост дека на крајот, Саудиска Арабија би можела да развие нуклеарно оружје, иако тоа веројатно би траело со децении.



