БЕЛА ПЕНА ТЕЧЕ НИЗ ЛЕПЕНЕЦ ВО СКОПЈЕ

    БЕЛА ПЕНА ТЕЧЕ НИЗ ЛЕПЕНЕЦ ВО СКОПЈЕПена се појави во реката Лепенец на устието со Вардар во Скопје. (Фото: СДК.МК)

    Пена се појави во реката Лепенец, на устието со реката Вардар во Скопје, на подрачјето на Општина Карпош.

    Изразената бела боја и обемот на пената најчесто се знак на синтетичко загадување, што не е невообичаено за овој дел од градот.

    Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Мухамед Али ни рече дека во системот 112 во 14:30 часот има пријава за појава на загадена вода на сливот на реката Лепенец во реката Вардар.

    По приемот на пријавата, Регионалниот центар за управување со кризи Скопје веднаш го известил Комуналниот инспекторат на Град Скопје преку службена комуникација, при што беа доставени и фотографии од локацијата.

    „Според добиените информации од Комуналниот инспекторат, инспекциските екипи веднаш излегле на терен за увид и преземање на мерки. На терен се присутни и претставници на Државниот инспекторат за животна средина, кои постапуваат согласно своите надлежности за утврдување на причините за загадувањето и за преземање на понатамошни законски мерки“, ни изјави Али.

    (Фото: СДК.МК)

    Градоначаликот на Скопје Орце Ѓорѓиевски соопшти дека до Град Скопје стигнала пријава за непозната материја која од реката Лепенец се влева во Вардар.

    „Нашите инспекциски служби веднаш излегоа на терен, а дополнително ги контактиравме и инспекциските служби на Министерството за животна средина кои исто така веднаш излегоа на терен. Дополнително, од страна инспекциските служби на град Скопје, беше пуштен и дрон за детектирање на причинителот на оваа појава, а службите од ЈП ‘Водовод и канализација’ беа повикани за да земат примероци од реката и веднаш ги испитаат и утврдат за каква материја станува збор. Во комуникација сме со Министерството за животна средина и министерот и верувам дека за брзо време ќе биде откриен причинителот на оваа појава и соодветно санкциониран“, вели градоначалникот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира