Младите од Велес ќе ги мапираат институциите што се непристапни за лицата со попреченост. Во наредните шест месеци тие ќе го реализираат проектот „Дигитален зелен пристап“, кој има цел да понуди решение за долгогодишниот проблем со непристапноста на јавните институции поради физичките бариери. Проектот е насочен кон подобрување на пристапноста за лицата со физичка попреченост, родителите со детски колички, лицата што користат помагала за движење, како и за лицата со оштетен слух и вид.
За проблемите со кои секојдневно се соочуваат лицата со попреченост говореше Далиборка Златева, претседателка на Здружението на лица со церебрална парализа и други попречености од Велес.
„Членовите на здружението често велат дека, ако излезат на прошетка со инвалидска количка низ градот, речиси никаде не можат да стигнат, бидејќи Велес е полн со бариери. Ние самите ги создаваме тие пречки и дополнително им го отежнуваме животот на овие лица. Имаме семафори без звучна сигнализација, во ниту една јавна здравствена установа нема толкувач на знаковен јазик за лицата со оштетен слух. Ниту здравствените работници ги разбираат нив, ниту тие можат да разберат што им се кажува. Затоа мора да доаѓаат со член од семејството за да комуницираат со лекарите. Во ниту една банка нема ваква услуга, а дел од лицата со попреченост се вработени и имаат потреба од банкарски услуги. Во институциите нема информации испишани со Брајово писмо. Јавниот превоз не е пристапен за лицата со попреченост, а рабниците на тротоарите кај пешачките премини треба да бидат спуштени“, изјави Златева.
Таа посочи и неколку примери на јавни институции што сè уште не се целосно достапни за лицата со попреченост, меѓу кои се Фондот за здравствено осигурување, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, превентивната предучилишна здравствена служба, Пошта, Управата за јавни приходи, Централниот регистар, електронската и свечената сала на Општина Велес, Агенцијата за вработување и Центарот за социјални работи.
Како позитивен пример, Златева го издвои ЈКП „Дервен“, кое го преместило својот наплатен центар на приземје и обезбедило паркинг-место за возила на лица со попреченост.
Проектот „Дигитален зелен пристап“ го реализира иницијативата Digital Green Access за дигитална демократија, предводена од млади луѓе, а е финансиран од Европската Унија. Мотото на проектот е: „Пристапноста и достапноста на институциите не се привилегија, туку основно човеково право.“
Во реализацијата на активностите ќе учествуваат средношколци од сите четири средни училишта во Велес.
П. ПЕЧКОВ
„Овој текст е изработен со финансиска поддршка од Шведска преку проектот „Поддршка за европската интеграција на Северна Македонија“, имплементиран од Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги (УНОПС). Содржината на овој текст е единствена одговорност на дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува ставовите на Шведска и УНОПС“.



