ДАНСКИОТ РЕСТОРАН „НОМА“ НА ТЕТОВЕЦОТ РЕНЕ РЕЏЕПИ ПОВТОРНО ГИ ОТВОРА ВРАТИТЕ СО НОВ ГЛАВЕН ГОТВАЧ И СМЕНЕТИ ПРАВИЛА НА РАБОТА

    ДАНСКИОТ РЕСТОРАН „НОМА“ НА ТЕТОВЕЦОТ РЕНЕ РЕЏЕПИ ПОВТОРНО ГИ ОТВОРА ВРАТИТЕ СО НОВ ГЛАВЕН ГОТВАЧ И СМЕНЕТИ ПРАВИЛА НА РАБОТАОткако започна со работа во 2003 година, ресторанот пет пати беше прогласуван за најдобар во светот и освои три Мишленови ѕвездички. (Фото: Ресторан Нома)

    Светски познатиот ресторан „Нома“ од Копенхаген следната недела повторно ги отвора вратите за гостите, за првпат под ново раководство откако соосновачот и главен готвач, Рене Реџепи од Тетово, се повлече по обвинувањата за физичко и психолошко малтретирање на вработените.

    Новиот извршен главен готвач Пабло Сото, кој работи во ресторанот речиси една деценија, изјави дека објектот го задржува препознатливиот идентитет, но со значајни промени во функционирањето. Покрај воведувањето на месечно мени кое ќе се менува динамично наместо досегашните три сезонски менија, фокусот во идното работење ќе биде ставен на подобрување на условите за живот и работа на тимот.

    Реџепи, кој јавно им се извини на сите засегнати под негово раководство, повеќе не учествува во секојдневните оперативни активности, но и понатаму ќе има креативно влијание.

    Откако започна со работа во 2003 година, ресторанот пет пати беше прогласуван за најдобар во светот и освои три Мишленови ѕвездички. Организацијата се соочи со сериозна криза за време на настанот во Лос Анџелес, кога десетици поранешни вработени излегоа со сведоштва за лоши работни услови и притисоци во периодот од 2009 до 2017 година. По зголемениот притисок од јавноста, Реџепи објави дека се повлекува од раководната улога во ресторанот и од својата непрофитна организација.

    Првичниот план просторот во Копенхаген да се претвори во лабораторија за храна беше променет, па раководството одлучи да го врати ресторанот во функција со цел да се врати стабилноста во тимот.

    За секојдневните операции во ресторанот сега се задолжени Сото, извршната директорка Аника де Лас Херас и раководителката за истражување и развој Мете Бринк Соберг. Менито ќе чини околу 4.500 дански круни по лице и ќе се базира на состојки достапни во тој период од годината. Раководството најави и мерки со кои на персоналот од околу 100 луѓе ќе му се овозможи подобра рамнотежа меѓу професионалниот и приватниот живот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира