Министерството за здравство соопшти дека епидемиолошката состојба во Гостивар е стабилна и се наоѓа под постојан надзор на надлежните институции. Според последните податоци од министерството, регистриран е значителен пад на бројот на прегледи во споредба со периодот кога епидемијата го достигна својот пик.
На 31 јули се евидентирани 60 први прегледи. Иако постојат ситни дневни варијации, општата тенденција покажува намалување на бројот на заболени во споредба со 18 јули, кога беа забележани 649 прегледи во еден ден. Во периодот од 14 до 31 јули се реализирани вкупно 4.543 први прегледи.
До здравствените служби досега пристигнале 1.028 официјални пријави за заразна болест, а епидемиолозите изработиле 730 нови анкети, со што е остварен опфат од 71 процент од заболените.
Во однос на западнонилската треска, од Институтот за јавно здравје велат дека нема нови лабораториски потврдени случаи. На Клиниката за инфективни болести се хоспитализирани тројца пациенти со сомнеж за ова заболување, за кои се очекуваат резултатите од лабораториските испитувања.



