Авион на австралиската авиокомпанија „Квантас“ го заврши најдолгиот комерцијален лет во историјата, останувајќи во воздух повеќе од 24 часа пред да слета во Тулуз, Франција. Овој историски лет е клучен чекор за долгоочекуваниот проект „Изгрејсонце“, кој предвидува воведување директни летови од источниот брег на Австралија до Лондон и Њујорк од 2027 година.
Специјално модифицираниот авион „ербас А350-1000УЛР“ полета од Мелбурн на 27 јули во 17:27 часот по локално време, а во седиштето на „Ербас“ во Тулуз слета следниот ден во 9:52 часот. Летот траеше вкупно 24 часа и 24 минути, при што беа прелетани 23.075 километри преку Тихокеанскиот Океан, САД, Канада и Атлантскиот Океан.
Со ова беше соборен досегашниот рекорд од 22 часа и 42 минути, поставен во 2005 година од авион „боинг 777-200ЛР“ за време на пробен лет од Хонгконг до Лондон.
Летот предизвика огромен интерес во јавноста. За време на подготовката за слетување, авионот направи кратко кружење над аеродромот, што го следеа повеќе од 120.000 луѓе во живо преку платформата „Флајтрадар24“. Вкупно 3,6 милиони луѓе го следеа неговото движење, со што овој лет стана втор најгледан во историјата на платформата, веднаш по летот со кој се пренесуваше ковчегот на британската кралица Елизабета Втора.
За да може да изведува ултрадолги летови, авионот е опремен со дополнителен резервоар за гориво од 20.000 литри. Во текот на мисијата, инженерите ги тестираа функционалноста на горивниот систем, нивото на бучава во кабината и циркулацијата на воздухот. Во авионот се наоѓаа 12 патници, меѓу кои пилоти на „Квантас“ и екипаж и инженери од „Ербас“.
„Квантас“ има нарачано 12 вакви авиони, од кои секој ќе има капацитет од 238 патници. Првата испорака се очекува во април 2027 година, а редовните директни летови меѓу Сиднеј и Лондон треба да започнат во октомври истата година. Новата линија ќе го скрати некогашното повеќедневно патување на еден директен лет во траење од 19 до 21 час.



