Раст од 41,21% во јули бележи аеродромот „Свети Апостол Павле“ во Охрид, соопшти концесионерот ТАВ Македонија. Во текот на минатиот месец, охридскиот аеродром опслужил 52,544 патници и претставува најуспешен месец во историјата на аеродромот. Реализирани се 443 летови, односно 34,65% повеќе отколку во јули 2025 година.
„Во истиот месец беа поставени уште два значајни рекорди. На 26 јули беше регистриран најфреквентниот ден во историјата на охридскиот аеродром, со опслужени 2.988 патници, додека на 20 јули беа реализирани рекордни 22 летoви во текот на еден ден. Позитивниот тренд се потврдува и преку кумулативните резултати. Во периодот од јануари до јули преку охридскиот аеродром патувале вкупно 175.182 патници, што е за 24,24% повеќе во споредба со истиот период минатата година. Во истиот период биле реализирани 1.350 летови, што претставува раст на авионскиот сообраќај од 28.69%“, велат од ТАВ Македонија.
Рекордниот раст е резултат на зголемениот број дестинации кои се врзани со Охридскиот аеродром. Охрид летово е поврзан со 14 дестинации во Европа. Во летната сезона се вратија минатогодишните редовни линии за Истанбул и Белград на „Туркиш ерлајнс“ и „Ер Србија“, а од ова лето и австриската „Аустриан ерлајнс“ ја промовираше линијата за Виена. Нискобуџетната унгарска компанија „Визер“ во летните месеци ги воведе редовните летови за Катовице и Вроцлав во Полска. Покрај туристичките чартери од Лондон, Манчестер и Амстердам, зголемен е и бројот на чартер летови за Цирих и Базел.
„Рекордните резултати на Охридскиот аеродром се само уште една потврда дека трудот, јасната визија, посветената работа и долгорочната стратегија на ТАВ Македонија даваат резултати. Новите авиолинии и заедничките активности со Владата за привлекување нови авиокомпании придонесуваат Охрид да стане сѐ подостапна и поатрактивна дестинација за патниците и туристите. Овие резултати потврдуваат дека инвестициите во развојот на мрежата на линии и унапредувањето на услугите на двата аеродроми создаваат нови можности за развој на туризмот и економијата“, изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.
Рекорди урива и Меѓународниот аеродром Скопје на кој во текот на јули биле опслужени 408,925 патници, што претставува раст од 29.5% во споредба со истиот месец минатата година, и се реализирани 2,670 летови, односно 10.3% повеќе отколку во јули 2025 година. Најфреквентен ден на Скопскиот аеродром бил 31 јули, кога биле опслужени 16,347 патници. Најголем број на летови во еден ден, вкупно 101 операција имало на 20 јули.
Во периодот од јануари до јули на Меѓународниот Аеродром Скопје беа опслужени 2,241,935 патници, што претставува раст од 29% во споредба со истиот период минатата година, додека беа реализирани 14,930 летови, односно 7.1% повеќе. Во првите 7 месеци од годината, скопскиот и охридскиот аеродром заедно опслужија 2,42 милиони патници и 16.280 летови, што претставува зголемување од 28.4% во растот на патничкиот сообраќај и 8.6% во бројот на операции.
Според најновиот извештај на Меѓународниот совет на аеродроми – Европа (ACI Europe)за првата половина од 2026 г одина, иако аеродромите низ ЕУ имале зголемување на патничкиот сообраќај од 2,6%, во споредба со првите шест месеци од 2025 година, Северна Македонија е лидер меѓу земјите кои не се членки на ЕУ во однос на растот на патничкиот сообраќај, со зголемување од 27,9%, пред Молдавија (+21%), Албанија (+17,2%), Узбекистан (+15,7%), Ерменија (+11%) и Црна Гора (+10,4%).
Покрај ова, ACI Europe го рангираше Меѓународниот Аеродром Скопје меѓу најбрзорастечките аеродроми со средена големина во Европа, со пораст од 28,6%.



