ТЕЧЕ КАЛ НАМЕСТО ВОДА ОД ЧЕШМИТЕ ВО ОХРИДСКО ПОДМОЉЕ, ЖИТЕЛИТЕ СО ГОДИНИ БАРААТ РЕШЕНИЕ, НО ОПШТИНА ДЕБРЦА НЕ РЕАГИРА

    ТЕЧЕ КАЛ НАМЕСТО ВОДА ОД ЧЕШМИТЕ ВО ОХРИДСКО ПОДМОЉЕ, ЖИТЕЛИТЕ СО ГОДИНИ БАРААТ РЕШЕНИЕ, НО ОПШТИНА ДЕБРЦА НЕ РЕАГИРАДеновиве, кога населбата е преполна со жители и гости, од чешмите повторно тече заматена, каллива вода, која не ја користат ниту за пиење, ниту за готвење. (Фото: СДК.МК)

    Жителите на викенд-населбата Подмоље, на само пет километри од Охрид, со години имаат проблем со водоснабдувањето. Деновиве, кога населбата е преполна со жители и гости, од чешмите повторно тече заматена, каллива вода, која не ја користат ниту за пиење, ниту за говење.

    Водоснабдувањето е во надлежност на Општина Дебрца, а жителите велат дека за проблемот повеќепати реагирале, но досега не добиле трајно решение. Сега очекуваат од актуелната локална власт конечно да се зафати со, како што велат, деценискиот проблем.

    Еден од нив е Јовица Миленковски од Скопје, кој за време на викендите престојува во Подмоље. Во неговата куќа живее и неговиот 90-годишен татко, кој поради квалитетот на водата не може да ја користи водата од чешма.

    „Имам 90-годишен татко кој престојува тука по седум-осум месеци и јас морам да му носам храна и вода, бидејќи водата од чешма не може да ја користи. Секогаш кога сме се обратиле во Општината, само креваат раменици, немаме конкретен одговор. А сметките за вода редовно ги плаќаме, иако таа вода практично не ја користиме“, вели Миленковски.

    Проблемот, велат жителите, не е само во заматеноста на водата. Често се случува вода воопшто да  нема, а кога ќе дојде, од чешмите со часови тече нечиста вода. Велат дека понекогаш треба да поминат и седум до осум часа за водата да се избистри, но и тогаш не се сигурни дека е целосно безбедна за употреба.

    Поради тоа, речиси сите кои престојуваат во населбата се принудени да купуваат флаширана вода за пиење и готвење. Тие бараат чиста и безбедна вода од чешмите, за која редовно плаќаат.

    Испратиле и допис до Министерството за здравство, Владата и Центрите за јавно здравје во Охрид и Скопје, барајќи институциите да реагираат и да се утврди причината за ваквата состојба.

    Од Центарот за јавно здравје Охрид велат дека денеска се земени примероци од водата од селскиот водовод во Подмоље. Резултатите од анализите се очекуваат во текот на неделата.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира