Мексиканскиот инфлуенсер Сезар Гастелум беше застрелан и убиен додека стримуваше во живо на ТикТок. Гастелум снимал со двајца пријатели пред ресторан за брза храна во северниот град Кулијакан кога му се приближиле двајца мажи на мотор и еден го застрелал одблиску.
Тој имал речиси 600.000 следбеници на ТикТок и главно објавувал комични видеа.
Во преносот во живо, Гастелум и неговите пријатели носеле светлопортокалови палта и чанти, што обично ги користат доставувачите. Напаѓачите избегале и досега никој не е уапсен.
Не е познато дали Гастелум добивал закани. На својот инстаграм профил често споделувал слики од своите патувања и ноќни излегувања.
Ова не е првпат инфлуенсер да биде убиен во Мексико. Минатата година, Валерија Маркес (23) беше застрелана во салон за убавина додека стримувала во живо на ТикТок.



