Министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибраими тврди дека временските прилики се подобрени и најпогодените семејства од поплавите во Скопско треба да се вратат во своите домови и да не седат во прифатните центри „Томе Стефановски – Сениќ“ и во „Партенија Зоографски“ . Станува збор за 125 жители кои се уште се одседнати во овие центри со образложение дека немаат услови да се вратат во своите домови.
,,Согласно податоците што ги имаме уште од октомври минатата година им се префрлени средствата за обештетување. Не гледам логика лицата уште да престојуваат во прифатните домови, бидејки временските услови се многу подобри. Покрај тоа што добија обештетување, секој месец од Министерството за труд и социјална политика за нив исплаќаме по 20 илјади евра. Согласно податоците од Центарот за социјални работи на Град Скопје сите лица може слободно да се вратат дома“ рече Ибраими кој беше во Бања Банско да ги посети 170-е пензионери кои на државен трошок од вчера се на бањско лекување и рекреација
Министерот не прецизираше кои мерки ќе ги превземе Владата доколку раселените не се вратат во своите домови. Крајниот рок за сместување на најпогодените од поплавите во двата прифатни центри беше до 1 април, термин кој го побараа раселените за да ги санираат своите домови од августовските поплави.
В. Трајков