Водата на Попова Шапка е исправна и може да се пие, согласно извршените технички, физичко-хемиски и микробиолошки испитувања, соопшти Јавното комунално претпријатие „Шар“ Тетово кое стопанисува со водоводната мрежа во Тетово. По претходните укажувања во однос на квалитетот на водата и засилениот мониторинг на водоснабдителниот систем, од „Шар“ презеле дополнителни активности за проверка и контрола на квалитетот на водата.
„Резултатите од извршените испитувања потврдуваат дека водата е исправна за пиење и ги исполнува потребните параметри за безбедна употреба. Со тоа, од денес, 12 август 2026 година, водата на Попова Шапка може да се користи за пиење и секојдневна употреба“, соопшти Јавното претпријатие.
Од „Шар“ посочуваат дека контролата на квалитетот на водата ќе продолжи и во наредниот период, со цел да се обезбеди навремено следење на состојбата и сигурно водоснабдување на жителите, угостителските објекти, туристите и сите посетители на Попова Шапка.
З. АНДОНОВ



