БРИТАНСКАТА ДРЖАВА ПОТРОШИ 170.000 ЕВРА ЗА ДА ОТСТРАНИ ТРИ МУРАЛИ НА БАНКСИ

    БРИТАНСКАТА ДРЖАВА ПОТРОШИ 170.000 ЕВРА ЗА ДА ОТСТРАНИ ТРИ МУРАЛИ НА БАНКСИНајскапо чини отстранувањето на муралот насликан на Кралските судови во септември 2025, за што се потрошени над 95.000 евра. (Фото: ДПА)

    Три дела на Банкси ги чинеа британските даночни обврзници речиси 150.000 фунти (околу 170.000 евра) за трошоци за отстранување и обезбедување. Најскапо чини отстранувањето на муралот насликан на Кралските судови во септември 2025, за што се потрошени 85.000 фунти (над 95.000 евра).

    Министерството за правда соопшти дека досега потрошило 50.000 фунти во обид да ја отстрани бојата од ѕидот на зградата на улицата Кери, која е заштитена како објект од II степен, додека дополнителни 35.300 фунти биле потрошени за прекувремена работа и трошоци за обезбедување.

    На сликата беше прикажан демонстрант кој лежи на земја и држи плакат испрскан со крв, додека над него стои судија во перика и тога, замавнувајќи со судски чекан. Откако се појави на надворешниот ѕид на зградата „Квинс билдинг“, во комплексот на Кралските судови, беа направени обиди за негово отстранување бидејќи зградата е заштитена, а со тоа и законски заштитена од вакви интервенции.

    Трошоците му беа откриени на „Би-Би-Си“ преку барање за пристап до информации од јавен карактер, кое исто така откри колку е потрошено за отстранување и на други дела на уметникот.

    Во април оваа година, статуа на човек кој носи знаме преку кое му е покриено лицето се појави на Ватерло Плејс, во близина на плоштадот Трафалгар, а потоа Банкси ја презеде одговорноста за делото. Градскиот совет на Вестминстер потрошил речиси 60.000 фунти за безбедносни бариери, администрација и ангажирање чувар кој требало да го надгледува делото.

    Во август 2024 година, Банкси наслика риби-пирани на стражарската куќичка на Полицијата на Лондон, која била поставена во 1990-тите. Откако Банкси ја насликал, куќичката била отстранета по цена од 2.200 фунти и никогаш не била заменета. Потоа била ставена во складиште и се очекува да биде изложена во Лондонскиот музеј кога тој повторно ќе биде отворен во ноември.

    Банкси, чие вистинско име никогаш официјално не било потврдено, стана познат ширум светот по своите политички ангажирани мурали, меѓу кои „Девојка со балон“ од 2002, „Love Is In The Air“ од 2003 и „Kissing Coppers“ од 2004.

    Уметникот потврди дека тој стои зад делото на Кралските судови со објава на Инстаграм, на која графитот е прикажан пред да биде прекриен.

    Банкси, чиј идентитет постојано предизвикува шпекулации, под фотографиите напиша: „Кралски судови на правдата. Лондон“. Некои го протолкуваа неговиот мурал како коментар на апсењето на стотици луѓе поради поддршка на организацијата „Палестинска акција“ со држење плакати на протестите.
    Во јули минатата година, британската влада ја забрани „Палестинска акција“ и ја прогласи за терористичка група, откако активисти оштетиле авиони на Кралските воздухопловни сили (РАФ).

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира