ЗА ГОДИНА И ПОЛ ЌЕ НЕМА ГЛУТНИЦИ УЛИЧНИ КУЧИЊА ВО СКОПЈЕ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА „ЛАЈКА“ ДИМИТРОВСКИ

    ЗА ГОДИНА И ПОЛ ЌЕ НЕМА ГЛУТНИЦИ УЛИЧНИ КУЧИЊА ВО СКОПЈЕ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА „ЛАЈКА“ ДИМИТРОВСКИГлутници кучиња има во сите скопски општини, а во билтените на МВР речиси секој ден има пријава од граѓани каснати од куче; - Од заловувањата на „Лајка“. (Фото: ЈП „Лајка“)

    Директорот на Јавното претпријатие (ЈП) „Лајка“, Воислав Димитровски, вели дека проблемот со улични кучиња во Скопје ќе биде решен за година и пол. Граѓани секојдневно се жалат дека во нивните населби има глутници улични кучиња поради кои се чувствуваат небезбедно.

    До редакцијата САКАМДАКАЖАМ.МК се обратија жители на населбата Ѓорче Петров кои велат дека не можат нормално да живеат од глутница од 8 големи кучиња која од пред извесно време се појавила во нивната населбата.

    „Кучињата се движат кај детското игралиште каде што децата секој ден се собираат и си играат. Не можеме да ги пуштиме надвор оти ни е страв дека ќе ги нападнат. Кучињата не се обележани и сме сигурни дека се донесени од некаде бидејќи досега не биле тука, а станува збор за големи кучиња. Навечер не се спие, по цела вечер цел чопор лаат. Навечер немаме мир, преку ден живееме во страв“, велат жители на улицата Христо Батанџиев.

    Вакви случаи на глутница кучиња има во сите скопски општини. Во билтените на Министерството за внатрешни работи (МВР) речиси секој ден има пријава од граѓани каснати од куче.

    Директорот на „Лајка“ Димитровски вели дека овој проблем не може веднаш да се реши кога бил занемаруван со години.

    „Знам дека проблемот е голем, еве сега се наоѓаме во Расадник, после ќе интервенираме во Карпош и во комплексот згради ‘Александрија’, каде имаме пријави за глутници нетретирани кучиња. Потребен е континуитет и ние работиме на решавање на овој проблем. Сега се заловуваат најмногу кучиња досега. Имаше две екипи, сега имаме три, значи се работи од сабајле до вечер. И јас сум постојано на терен со заловувачите. За година и пол проблемот ќе биде решен. Исто така, проблем ни е тоа што има граѓани кои не дозволуваат да ги заловиме кучињата, па наместо да ја завршиме работите ние се објаснуваме со нив“, вели Димитровски.

    Тој вели дека е очигледно оти кучиња во Скопје се носат од други градови и затоа низ градот се појавуваат глутници големи кучиња.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира