Американскиот носач на авиони „Џорџ Вашингтон“ почна да се движи од Виетнам кон Блискиот Исток, откако се појавија извештаи за проблеми со менталното здравје и со снабдувањето на воениот брод „Абрахам Линколн“.
Поради војната со Иран, распоредувањето на „Линколн“ на море се одолжи на повеќе од 260 дена. Неколкумина демократски пратеници бараат одговорност од Пентагон за условите на носачот, за кои министерот за одбрана Пит Хегсет рече дека се целосно погрешно претставени.
„Некои распоредувања се подолги од други. Се грижиме секој брод, секој екипаж, секој капетан да има сè што можеме да им обезбедиме во секој момент. Она што го прават на отворено море во тие сурови услови со помалку пристаништа е неверојатно“, рече Хегсет.
Два водечки специјализирани воени медиуми, „Нејви тајмс“ и „Старс енд страјпс“, објавија дека имало повеќе обиди за скокање од бродот од страна на морнарите, бидејќи лошите услови и менталниот стрес на „Линколн“ го достигнуваат врвот. Екипажот е во деветтиот месец на море и имал само два дена на копно откако бродот исплови од Сан Диего на 21 ноември. Распоредувањето требаше да заврши во мај, но беше продолжено неколкупати поради тековната војна.
„Има широко распространети извештаи за недостиг на основни залихи, контаминација на водата, проблеми со водоводот, влошување на менталното здравје, загриженост за безбедноста на палубата и за прекини во поштенскиот систем“, кажа американскиот сенатор Ричард Блументал.
„Вол стрит џурнал“ објави дека „Џорџ Вашингтон“ ќе го замени „Линколн“ како еден од двата носачи на авиони што сега се стационирани на Блискиот Исток. Еден американски функционер изјави дека замената претходно била планирана.



