Дваесет и едногодишниот Јован Костадинов од Виница е еден од добитниците на Меѓународната награда за младинска храброст (International Young Courage Award) за 2026, соопшти Амбасадата на Шведска во Македонија. Костадинов спаси 21 лице во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ на 16 март 2025, во кој загинаа 63 лица. Тој ставил мокра маица на уста и нос и влегол во дискотеката за да ги спасува младите луѓе.
Амбасадорот Ола Солстром денеска се сретнал со Костадинов и неговата сестра Јована Костадинова, за лично да му оддаде признание за неговата исклучителна храброст.
„Следната недела, Јован ќе отпатува во Стокхолм за да ја прими наградата, заедно со уште 15 инспиративни млади луѓе од целиот свет кои придонесуваат за позитивни промени во своите заедници. Наградата за младинска храброст се доделува секоја година на млади луѓе на возраст од 13 до 20 години кои, со малку или без никакви ресурси, прават значајна разлика во своите заедници“, вели Шведската амбасада.
Компанијата „Алкалоид“ лани му додели стипендија на Костадинов. Општина Виница тогаш најави дека за херојскиот потег на Јован ќе му додели плакета за хуманост и херојство како и стипендија за високо образование во вредност од 6.000 денари месечно.



