ПОЖАРОТ ТРГНА КОН БИТОЛСКИОТ ДЕЛ НА МАРИОВО, АНГЕЛОВ ВЕЛИ: „НИЕ НА ЕДНО МЕСТО ГАСНЕМЕ, ТОЈ НА ДРУГО СЕ ПАЛИ“

    ПОЖАРОТ ТРГНА КОН БИТОЛСКИОТ ДЕЛ НА МАРИОВО, АНГЕЛОВ ВЕЛИ: „НИЕ НА ЕДНО МЕСТО ГАСНЕМЕ, ТОЈ НА ДРУГО СЕ ПАЛИ“Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, изјави дека со машини се прават пресеци за да се запре движењето на огнот кон селото. (Фото: СДК.МК)

    Еден од најкомплексните пожари за гаснење кој со денови гори на територијата на Македонија е оној во Мариово, кој попладнево го промени правецот кон битолскиот дел, односно огнената линија се движи кон селото Орле. Мирис на чад се чувствува дури до Битола, а попладнево градот беше надлетуван и од хеликоптери вклучени во гаснењето.

    Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, изјави дека со машини се прават пресеци за да се запре движењето на огнот кон селото, има и доволен број пожарникари, но пожарот во Мариово е меѓу најсложените од 30-те на отворен простор со кои денес се соочиле.

    „Во Мариово се работи за голем пожар, цел ден го гаснеме, го користевме и полицискиот хеликоптер, поставивме и базен во негова близина, работевме и со ер-трактори, за жал резултатите се слаби затоа што ние на едно место гаснеме, а тој на друго место се пали“, рече Ангелов.

    Во текот на денот вистинска драма се одвиваше и за спас на селото Крушевица од огнот, во прилепскиот дел на Мариово.

    „Огнот успеа да префрли преку асфалтираниот пат каде што имавме концентрирана одбрана. Поради силниот ветер го загрози селото. Но, благодарение на неколкуте локални жители и општинската власт која испрати трактори и машини, пожарникарите од Прилеп и Кавадарци, припадниците на Дирекцијата за заштита и спасување, пинцгауерите и тимовите за брз одговор од доброволни пожарникари, се воспостави контрола врз овој крак. Побаравме дополнителна помош и тргнати се екипи од Неготино и од скопската бригада кои ќе го обезбедат селото. За првпат ова лето ангажиравме и 30 војници чија задача ќе биде да му помогнат на локалното население доколку огнот се доближи до куќите“, рече Ангелов.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира