Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција утврди дека нема основи на сомнение за злоупотреба на службената положба и овластување ниту за друго кривично дело што се гони по службена должност во постапките за јавни набавки на 19 модуларни болници. Со ова надлежниот јавен обвинител оцени дека нема простор за натамошно постапување и предметот е затворен.
Случајот беше отворен по сопствена иницијатива на Обвинителството во септември 2021 година за да се провери целокупната документација за набавките и евентуално постоење на кривична одговорност. Во постапката биле анализирани материјали и податоци обезбедени од Владата, министерствата за внатрешни работи, финансии, труд и социјална политика и здравство, како и од Бирото за јавни набавки и ОЈО Тетово.
Проверките покажале дека од април до јуни 2020 година биле спроведени три набавки за проширување на болничките капацитети за справување со пандемијата, наменети за монтажни контејнери кај Инфективната клиника во Скопје, немедицинска опрема за Регионалниот ковид-центар и модуларен оддел за Клиниката за пулмологија и алергологија.
Постапката за набавка на контејнерите во рамките на Проектот за итно справување со Ковид-19 се финансираше со заем од Светска банка и беше реализирана според правилата на оваа меѓународна финансиска институција, преку барање понуди на меѓународен пазар. Според наодите од Бирото за јавни набавки, за ваквите набавки важи законски исклучок според кој не се применуваат одредбите од домашниот Закон за јавните набавки.
Во однос на градежната регулатива, јавниот повик бил објавен во октомври, а договорот склучен кон крајот на ноември 2020 година. Со измените на Законот за градење од истиот месец, модуларните објекти за здравствена дејност беа категоризирани како градби за кои не е потребно одобрение за градење, а здравствените установи поседувале соодветни решенија од Министерството за здравство и проектна документација.
Обвинителството ја разгледа и документацијата од теренските проверки на тимот на Светска банка по пожарот во тетовската модуларна болница. При увидот во објектите во Гостивар, Струга, Прилеп, Велес и Штип, претставниците на банката потврдија дека постапката била спроведена според нивните правила и дека испорачаната стока соодветствувала на техничките и безбедносните спецификации.
По увидот во сите прибрани докази, обвинителството оцени дека ниедно службено лице не ги пречекорило своите овластувања ниту ја злоупотребило должноста со цел да стекне имотна корист или да нанесе штета, поради што не се исполнети законските обележја за кривична одговорност.



