РЕКОРДНИ 2.000 ГЛЕДАЧИ НА ДОЛНИ САРАЈ ЗА МЈУЗИКЛОТ „КАО КАКАО“ НА ЗАТВОРАЊЕТО НА ОХРИДСКО ЛЕТО

    РЕКОРДНИ 2.000 ГЛЕДАЧИ НА ДОЛНИ САРАЈ ЗА МЈУЗИКЛОТ „КАО КАКАО“ НА ЗАТВОРАЊЕТО НА ОХРИДСКО ЛЕТО„Као какао“ во режија на Дејан Пројковски е енергична и впечатлива продукција која донесе вистинска фестивалска атмосфера. (Фото: Охридско лето)

    Со рекордна посетеност од 2.000 гледачи за мјузиклот „Као какао“ со музиката, актерската игра и раскошната сценска енергија на Долни Сарај, фестивалот Охридско лето синоќа го затвори 66. издание.

    Во режија на Дејан Пројковски, „Као какао“ е инспириран од музиката на Влатко Стефановски. Насловот на музиклот е според истоимениот девети студиски албум на легендарната група „Леб и сол“ од 1987, кој се смета за еден од најуспешните во историјата на југословенската рок музика. Насловната песна „Као какао“ е една од најпопуларните на „Леб и сол“.

    „Годинава бевме сведоци на исклучително голем интерес од публиката. За голем број настани се бараше карта повеќе, а неколку концерти беа распродадени уште пред нивното одржување. За нас како фестивал, ова е огромна чест, но и обврска и мотив и во иднина да продолжиме со квалитетна, разновидна и амбициозна програма. Она што навистина ќе го паметиме од ова 66. издание се полните гледалишта, долгите аплаузи, емоцијата на публиката и незаборавните уметнички вечери“, вели директорот на Охридско лето, Ѓорѓи Цуцковски.

    Годинашното издание понуди 48 фестивалски настани, музички концерти, театарски претстави, џез и балетска вечери, со учество на повеќе од 700 уметници од 24 земји. Од свеченото отворање со грандиозната оперска гала „Љубов“, до завршните фестивалски денови, сцените на Охридско лето беа места на средби на врвни домашни и странски уметници и бројна публика.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира