ПОСТАВЕНА БИСТА НА КИРИЛ ПЕЈЧИНОВИЌ ВО ДВОРОТ НА ЦРКВАТА ВО СЕЛОТО ТЕАРЦЕ

    ПОСТАВЕНА БИСТА НА КИРИЛ ПЕЈЧИНОВИЌ ВО ДВОРОТ НА ЦРКВАТА ВО СЕЛОТО ТЕАРЦЕКирил Пејчиновиќ (1771 – 1845) е роден во Теарце, а почива во дворот на Лешочкиот манастирски комплекс. (Фото: МПЦ/Тетовско-гостиварска епархија)

    Денес, во дворот на црквата „Св. Димитриј“ во с. Теарце, беше откриена и осветена биста на нашиот учител и просветител родум од Теарце, св. Кирил Лешочки. Митрополитот тетовско-гостиварски г. Јосиф сослужуваше света литургија во сослужение со свештеници од Тетовското архијерејско намесништво, а во обраќањето до верниците зборуваше за придонесот и значењето што го има Кирил Пејчиновиќ за македонскиот народ и за неговата просветителска дејност.

    „Денес, преку ова спомен-обележје, пред нашите очи се издигнува ликот на преподобниот учител Кирил Лешочки, кој е роден пред 255 години токму овде, во Теарце. Оваа биста што ја откриваме во неговото родно место не е обичен споменик од камен или бронза. Таа е паметник на еден особено значаен македонски духовен подвижник. Сведоштво е за човекот кој со книга и крст го разбуди заспаниот дух на нашиот народ. Овој споменик што го подигнавме во негова чест не само што нè потсетува на неговиот лик и дело, туку нè потсетува и дека како христијани сме повикани да ги почитуваме светителите, следејќи го нивниот подвиг во верата. Свети Кирил ни остави пример како треба да постапуваме. Тој преку своите дела нè потсетува дека писменоста без вера е празна, а верата без добри дела е мртва. Затоа, кога ќе поминеме покрај оваа биста или кога ќе ја видиме неговата икона, да се потсетиме на неговиот тивок, но силен глас: да си го чуваме јазикот од лаги, да го сакаме Бога, да го почитуваме својот род и да бараме мир со сите луѓе“, рече митрополитот тетовско-гостиварски г. Јосиф во беседата.

    Кирил Пејчиновиќ (1771 – 1845) е роден во Теарце, а почива во дворот на Лешочкиот манастирски комплекс. Во октомври 2022 година беше извршена канонизација на Кирил Пејчиновиќ и тој беше прогласен за светец, а 25 март беше определен како ден кога ќе се празнува светиот Кирил Лешочки.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира