НАЈБЛИСКАТА СОРАБОТНИЧКА НА ТРАМП Е ПОЗНАТА КАКО ЧОВЕЧКИ ПРИНТЕР

    НАЈБЛИСКАТА СОРАБОТНИЧКА НА ТРАМП Е ПОЗНАТА КАКО ЧОВЕЧКИ ПРИНТЕРКолегите ја нарекоа Натали Харп човечки принтер бидејќи постојано го следи Трамп со пренослив принтер за да му доставува информации во печатена форма, како што претпочита тој. (Фото: Бела куќа)

    Триесет и петгодишната Натали Харп, поранешна пациентка излекувана од рак на коските и долгогодишна соработничка на Доналд Трамп, се најде во фокусот на американската јавност по критиките на демократскиот сенатор Џон Ософ. Ософ во свој говор рече дека претседателот, наместо да ги извршува службените обврски, претпочита да гради свечена сала и да патува со Харп. Бурната реакција на Белата куќа и нападот на Трамп кон новинарите кои побараа коментар за изјавите на Ософ само ги поттикнаа шпекулациите и љубопитноста околу нејзината улога во претседателскиот круг.

    Харп дипломирала на христијански колеџ во Сан Диего во 2012 година, а три години подоцна магистрирала бизнис администрација на универзитетот Либерти во Вирџинија. Нејзиното јавно појавување започна во 2019 година, кога на деловната мрежа Линкдин објави дека експерименталните терапии овозможени со закон усвоен во времето на Трамп ѝ го спасиле животот по тешка лекарска грешка.

    По медиумското внимание на телевизијата „Фокс њуз“, Харп одржа говор на Републиканската национална конвенција во 2020 година, каде што го спореди Трамп со Џорџ Бејли од култниот филм Прекрасен живот, нарекувајќи го најбогат човек на светот поради неговата помош за обичните граѓани.

    Сепак, весникот „Вашингтон пост“ подоцна објави анализа во која медицински експерти оценија дека временската рамка на нејзината терапија покажува дека регулативите на Трамп тешко можеле да имаат директно влијание врз нејзиното лекување.

    По конвенцијата, Харп се пресели на Флорида во близина на имотот Мар-а-Лаго и почна да работи како водителка на десничарската телевизија ОАНН, каде што ги поддржуваше тврдењата на Трамп за претседателските избори во 2020 година. Во 2022 година таа официјално се приклучи на тимот на Трамп за време на неговата нова политичка кампања. Колегите тогаш ја нарекоа човечки принтер бидејќи постојано го следеше со пренослив принтер за да му доставува информации во печатена форма, како што претпочита тој.

    Денес Харп извршува функција на специјална и извршна помошничка на претседателот со годишна плата од 150.000 долари. Таа има директно влијание врз неговите објави на социјалната мрежа Трут соушл и често патува заедно со него, дури и при неодамнешната итна промена на владини авиони во Турција поради безбедносни закани. Во неодамна објавената книга на новинарите Меги Хаберман и Џонатан Свон се наведува дека Харп му пишувала посветени писма на Трамп во кои го опишува како свој заштитник во животот.

    Нејзиниот брат Престон Харп за медиумите изјави дека таа го гледа Трамп како татковска фигура која ја отелотворува идејата за американската исклучителност. Политичките аналитичари оценуваат дека острата реакција на администрацијата кон изјавата на Ософ постигна спротивен ефект, отворајќи дополнителни прашања и зголемен јавен интерес за нејзината моќ во Овалната соба.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира