Трендот на опаѓање на демократијата во Македонија продолжи и во 2016 година и е на најниско ниво од 2001 година, кога земјата се соочи со насилен етнички конфликт , се вели во денеска објавениот извештај „Земји во транзиција“ на „Фридом хаус“.
Во извештајот, Македонија и натаму се наоѓа во групата земји со транзициски влади или хибридни режими. Генералниот индекс на демократијата во земјава, кој е збир на седум специјални индекси за минатата година изнесува 4,43, на листа од 1 до 7, каде 1 означува највисоко ниво на демократски прогрес, а 7 означува најниско ниво. Тој индекс паѓа 10 години по ред, па од 3,86 за 2007 година стасал до 4,29 за 2015 година, а изминатата година паднал дополнително.
Во однос на земјите од регионот, Македонија е оценета полошо од Албанија, Бугарија, Хрватска, Црна Гора и Србија, а има подобра оценка од Косово и од Босна и Херцеговина. Таа во резимето на извештајот за 29 земји е одбележана како „лидер“ на Балканот според падот на нејзините индекси.
Пад се забележува и според посебниот индекс за Национално демократско владеење, кој во 2015 година изнесувал 4,75, а за 2016 тој изнесува 5.
Пад има и за изборните процеси, па за 2016 индексот е 4, а за 2015 тој бил 3,75. Индексот за граѓанското општество не се поместил од 2015, па и за 2016 изнесува 3,25, а не мрднал ни индексот за независните медиуми, кој изнесува 5,25, за разлика од претходните 10 години кога главно растел, а само една година доживеал пад. Локалното демократско владеење исто така е со истиот индекс како годината претходно, односно 4.
Влошена е оценката за правосудството и неговата независност, како и за степенот на корупција. И двата индекса во најновиот извештај се 4,75, а годината предходно изнесувале 4,5.
Како образложение за падот на индексот на Националното демократско владеење се наведува понатамошното ескалирање на политичката криза поради помилувањата на инволвираните во „бомбите“, недостигот на политички дијалог и контроверзното и конфликтно функционирање на националните политички институции.
За падот на оценката за судството како толкување се дава засилувањето на политчкото влијание врз судството, како и поради пречките за работата на Специјалното јавно обвинителство.
Најновиот извештај на „Фридом хаус“ е за 29 земји од Централна и Југоисточна Европа, како и некои држави произлезени од поранешниот Советски сојуз.