Вработен на аеродромот во Франкфурт почина од маларија, соопшти портпаролот на операторот на објектот, „Фрапорт“. Уште петмина вработени на аеродромот се заразиле со оваа болест и примаат лекарски третман.
Се верува дека причина за инфекциите е комарец кој бил во авион кој патувал до Германија од област ендемска за маларија, веројатно во јули.
„Фрапорт“ вели дека сега нивниот фокус е на информации и превенција. На вработените им се советува да одат на лекар доколку имаат какви било симптоми слични на маларија. На аеродромот се поставени стапици за комарци за да можат да бидат однесени во лабораторија на испитување.
Федералната агенција за контрола и превенција на болести изјави дека ваквите случаи се многу ретки. Маларијата се пренесува на луѓето преку комарци од родот анофелес, кои претходно самите се заразиле.
Според здравствениот оддел на Франкфурт, таканаречената аеродромска маларија е многу редок пат на зараза надвор од ендемска област за маларија. Студија чија цел беше евидентирање на сите случаи на маларија пренесена преку аеродроми и багаж во Европа од 1969 до 2024 година идентификуваше 145 случаи, од кои девет во Германија.



