Уште еден вработен на аеродромот во Франкфурт почина од маларија, втор за два дена, откако шест лица биле заразени со болеста што ја шират комарците. Се верува дека комарците пристигнале на најпрометниот аеродром во Германија со авион, предизвикувајќи епидемија која првпат беше откриена во јули.
Портпаролот на операторот на аеродромот „Фрапорт“ потврди дека еден вработен починал како резултат на инфекцијата, додека службениците за јавно здравје подоцна изјавија дека починале двајца од заболените. На аеродромот се поставени стапици, а фатените комарци ќе бидат анализирани во лабораторија за да се утврдат нивните вид и потекло.
„Би-Би-Си“ објави дека биле заразени шестмина машки аеродромски работници на различни работни места и во различни делови од аеродромот, при што се анализираат примероци од крв, за да се утврди дали биле заразени од еден комарец или од шест различни.
„За населението на Франкфурт ризикот се смета за многу, многу мал. Болеста не се пренесува од човек на човек, туку секогаш преку комарци“, соопштија здравствените власти.
Институтот „Роберт Кох“ претходно кажа дека четворица вработени се разболеле меѓу 4 и 6 јули и дека комарците биле донесени со авион од области ендемски за маларија. Последниот ваков случај на аеродромот бил регистриран во 2023.



