Русија предупреди дека би можела да нападне британски воени цели во и надвор од Украина како одговор на украинските напади врз Русија со британски крстосувачки ракети со долг дострел. Предупредувањето, изнесено од портпаролката на руското министерство за надворешни работи Марија Захарова на брифинг во Москва, беше упатено и претходно, но без таква реторика.
„Лондон е на само еден чекор од тоа да стане легален соучесник во тероризмот против руски цивили. Ќе има неизбежни катастрофални последици ако Велика Британија не го промени курсот“, рече Захарова.
Нејзиното укажување на тероризам е поврзано со употребата на француско-британските ракети „Сторм шедоу/Скалп“ во украинските напади врз цели во Русија, Доњецк и на Крим.
„Предлагаме британското раководство уште еднаш внимателно да ја анализира ситуацијата и веднаш да се откаже од непријателската, агресивна линија, која може да создаде ризик од ескалација на конфликтот на сосема ново ниво“, рече таа.
Велика Британија и Франција се согласија да споделат со Украина планови за ракетата „Скалп“, француска верзија на британската крстосувачка ракета „Сторм шедоу“. Ова ќе ѝ овозможи на Украина сама да го произведува ова оружје со долг дострел.
„Франција и Велика Британија си играат со оган со тоа што испорачуваат чувствителна ракетна технологија во Украина, што може да има непредвидливи последици“, кажа Захарова.



