Шесте милиони евра што Град Скопје ги доби од Владата за време на владеењето на СДСМ и ДУИ новиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски ги пренамени за изградба на подземната сообраќајница на Јужен булевар.
Град Скопје во време на ексградоначалникот Петре Шилегов, а потоа и во време на Данела Арсовска доби по три милиони евра од Владата за да се направи овој дел, кој е во ужасна состојба и во моментов е единствен пат до границата со Косово. Во мандатот на Шилегов беше кажано дека проектот ќе предвиди изградба на клучка во делот кај крстосницата со Словенечка, а потоа кон Визбегово ќе се добие булеварско решение.
Во одговор на прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК за проектот за проширување на улицата Хасан Приштина или Качанички пат во булевар, од Град Скопје велат дека во моментов, приоритет е изградба на клучката кај Момин Поток и на булеварот до крстосницата со Словенечка.
- ВЛАДАТА ЌЕ Ѝ ДАДЕ НА АРСОВСКА 3 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ПАТОТ КОН КОСОВО ДА ГО НАПРАВИ БУЛЕВАР, ОБЈАВИ ГРУБИ
„Како нов тим во Град Скопје, сметаме дека проектот за кој што прашувате треба да претрпи одредени измени, со цел да се надминат проблемите од минатото и да се избегне каква било импровизација. Наш фокус е проширувањето и изградбата на сообраќајницата од булеварот Никола Карев и клучката Момин Поток до Словенечка. Во моментов, проектот е во фаза на измени, а како првенствено решение е предвидено да се изведе кружен тек во делот кај Словенечка. Откако проектот ќе биде целосно разработен, јавноста и медиумите ќе имаат целосен увид во предложеното решение. Во однос на обезбедените средства, бидејќи сметаме дека во моментов нема пречки за нивно пренаменување со одлука на Владата, истите тие средства се насочени кон реализацијата на булеварот Македонија“, велат од Град Скопје.
Градоначалникот Ѓорѓиевски пред еден месец најави дека клучката кај Момин Поток ќе биде готова до Нова година.
А. АНТЕВСКА



