ПОВРЕДЕНИ ДВЕ ЛИЦА ПРИ ГАСНЕЊЕТО НА ПОЖАРОТ ВО НАЦИОНАЛНИОТ ПАРК ПЕЛИСТЕР

    ПОВРЕДЕНИ ДВЕ ЛИЦА ПРИ ГАСНЕЊЕТО НА ПОЖАРОТ ВО НАЦИОНАЛНИОТ ПАРК ПЕЛИСТЕРПожарот изби на 29 август крај патот Макази-Претор и постојат сомнежи дека е подметнат (Фото: СДК.МК)

    Две лица од единиците кои цела вечер го гаснеа пожарот кој ги зафати пониските делови од Националниот парк Пелистер се повредени, но нивната здравствена состојба е стабилна, соопшти директорот на Паркот, Иванчо Тошевски. Повредените не се пожарникари, туку едно лице кое само дошло да помогне во гаснењето, а другото е ракувач на машина.

    По пеколната ноќ на терен, пожарот е целосно локализиран, но опасноста од негово понатамошно активирање и ширење е голема и зависи од временските услови.

    Единиците продолжуваат да дејствуваат на терен со поддршка на армиски хелихоптер. Во гаснењето се вклучени екипи на НП Пелистер, територијалните противпожарни единици од Битола и Ресен, доброволното противпожарно друштво „Архангел“ и механизацијата на јавните претпријатија од Битола. Подоцна се очекува да пристигнат и пожарникари од Кочани и двата ер трактори на Дирекцијата за заштита и спасување.

    Зафатена е голема површина, претежно на вештачки засаден бор, а надлежните уште еднаш апелираат за одговорно однесување во шумите за да не се случи поголема катастрофа.

    Пожарот изби на 29 август околу 15 часот крај патот Макази-Претор и постојат сомнежи дека е подметнат зашто истовремено во околината на Преспа се појавија уште неколку пожари. Огнот се прошири во пониските делови од паркот, поточно во подножјето на врвот Вртушка и предизвика поголема материјална штета.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира