ТЕТОВСКИТЕ ПРВАЧИЊА ОСТАНАА БЕЗ ВЕТЕНИТЕ 100 ЕВРА ОТИ ПАРИТЕ ШТО ВЛЕГУВААТ ВО ОПШТИНСКИОТ БУЏЕТ ГИ ЗЕМААТ ИЗВРШИТЕЛИТЕ

    ТЕТОВСКИТЕ ПРВАЧИЊА ОСТАНАА БЕЗ ВЕТЕНИТЕ 100 ЕВРА ОТИ ПАРИТЕ ШТО ВЛЕГУВААТ ВО ОПШТИНСКИОТ БУЏЕТ ГИ ЗЕМААТ ИЗВРШИТЕЛИТЕГрадоначалникот Касами вети дека во прва прилика ќе ги исплати парите (Фото: СДК.МК)

    Советот на Општина Тетово на 14. седница, одржана на почетокот на јуни, усвои одлука со која требаше да се доделат ваучери од 6.150 денари за децата кои се запишуваат во прво одделение во учебната година 2026/27. Субвенцијата требаше да важи за учениците кои ќе се запишат во прво одделение до 20 јуни, а ваучерите требаше да бидат дистрибуирани на почетокот на јули.

    Но, тетовските првачиња сè уште ја немаат добиено ветената финансиска поддршка од Општината. Градоначалникот Билал Касами вели дека сакал да ја изврши исплатата, но не му било дозволено од Министерството за финансии бидејќи Општината сè уште е во долгови, па приливите на пари во општинската каса одат веднаш кај извршителите за подмирување на овие долгови.

    „Тука е проблемот со извршителите. Ние пуштивме налози да се платат парите за првачињата, но, за жал, извршителите, односно Трезорот, не ги реализираше тие налози поради тоа што сме блокирани. Работиме на тоа да излеземе од блокадата во следните месеци и прво по приоритет ќе биде плаќањето на налозите за првачињата“, изјави Касами.

    На истата седница, Советот донесе и одлука со која на Исламската верска заедница-Муфтиство Тетово ѝ се доделува еднократна финансиска помош во 1.144.484 денари или 18.000 евра. Оваа одлука следеше по барањето на ИВЗ Тетово да ѝ се врати истиот износ кој го платила како данок на промет за купувањето на недвижен имот на комплексот Арабати Баба Теќе.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира