КАМИОНЏИИТЕ ПРОТЕСТИРАА ПРЕД ДЕЛЕГАЦИЈАТА НА ЕУ ВО СКОПЈЕ, БАРААТ ДА ИМ СЕ РЕШИ ПРЕСТОЈОТ ВО ШЕНГЕН-ЗОНАТА

    КАМИОНЏИИТЕ ПРОТЕСТИРАА ПРЕД ДЕЛЕГАЦИЈАТА НА ЕУ ВО СКОПЈЕ, БАРААТ ДА ИМ СЕ РЕШИ ПРЕСТОЈОТ ВО ШЕНГЕН-ЗОНАТАСо проблемот директно се соочуваат околу 17 илјади македонски професионални возачи, како и приближно 100 илјади на ниво на целиот Западен Балкан. (Фото: СДК.МК)

    Транспортните превозници денеска одржаа предупредувачки протест пред седиштето на Делегацијата на Европската Унија во Скопје, каде што паркираа камиони со барање за итно надминување на проблемот со престојот на професионалните возачи во шенген-зоната. Протестот се одржа пред состанокот на работната група во Брисел, а паралелни собири се организирани и во Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.

    Генералниот секретар на асоцијацијата Макам-транс, Билјана Муратовска, вели дека иако Европската Унија уште во јануари признала оти професионалните возачи вршат работна дејност, веќе седум месеци нема никаков напредок за надминување на ограничувањето според правилото 90/180 дена. Таа вели дека повеќечасовното задржување на возачите на граничните премини за проверка на деновите претставува сериозна дискриминација и кршење на основните права, додавајќи оти на возачите им е неопходна психофизичка стабилност за безбедно учество во сообраќајот.

    Со ова ограничување директно се соочуваат околу 17 илјади македонски професионални возачи, како и приближно 100 илјади на ниво на целиот Западен Балкан. Поради правната несигурност и различните толкувања од граничните служби, половина од возачите во моментов одбиваат да возат. Од фелата наведуваат дека транспортот е клучниот двигател на домашната економија и дека нивниот редовен превоз на стоки, лекови и суровини не ги загрозува работните места во европските држави.

    Од Министерството за транспорт соопштија дека имаат целосно разбирање за состојбата и континуирано преземаат чекори за изнаоѓање решенија преку билатерални договори со земјите членки на шенген-зоната за издавање долгорочни визи. Според министерството, вакви договори веќе се постигнати со Швајцарија, Хрватска и Романија, а во тек се разговори со Австрија и Германија. Во септември се очекува средба со австриската влада, додека за октомври се планирани разговори и со Словенија.

    Надлежните појаснуваат дека целта е преку вакви поединечни меѓудржавни договори да се опфатат најфреквентните рути што ги користат македонските транспортери, посочувајќи дека самостојното решавање на проблемот на овој начин е неопходно за непречено функционирање на транспортната дејност.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира