ГРАДЕЖЕН ИНВЕСТИТОР СВЕДОЧЕШЕ ДЕКА МАЈКАТА НА СУДИЈАТА ЃОКО РИСТОВ УПЛАТИЛА НАД 400.000 ЕВРА ЗА НЕИЗГРАДЕНИ СТАНОВИ

    ГРАДЕЖЕН ИНВЕСТИТОР СВЕДОЧЕШЕ ДЕКА МАЈКАТА НА СУДИЈАТА ЃОКО РИСТОВ УПЛАТИЛА НАД 400.000 ЕВРА ЗА НЕИЗГРАДЕНИ СТАНОВИСудијата Ристов е обвинет за кривичните дела Противправно стекнување и прикривање имот и Перење пари и други приноси од казниво дело. (Фото: СДК.МК)

    Круме Апостолов, кој се занимава со купување земјиште и градба, на денешното судење против апелациониот судија Ѓоко Ристов сведочеше дека покрај тие 350.000 евра најдени закопани во ѕид во семејната куќа во Неготино, Ристови имале барем кај него депонирано уште скоро пола милион евра.

    „Го познавам обвинетиот Ѓоко Ристов многу одамна, и мајка му тетка Донка и чичко Здравко”, рече тој.

    „Како се познававте со Донка Ристова во однос на купување и градење на станови?”, го праша Обвинителката Искра Хаџивасилева.

    „Јануари 2025 година се чув со тетка Донка која беше заинтересирана да купи станови кои не се почнати да се градат. Отидов докај неа да направиме муабет. Се договоривме да купи 4 стана во вкупна површина од 250 квадрати. Се договоривме за цена. Во јануари склучивме договор кај нотар и таа уплати износ. Уплати околу 400.000 евра на сметка. Се доцнеше со градба. Тетка Донка ме повика, ја информирав дека ќе се почне, дека документацијата се спрема, но доцни во општината“, одговори сведокот.

    „Уплатената сума си остана уплатена? Немаше промени?”, продолжи обвинителката.

    „Да, си остана. Во април пак ме побара малце исплашена, ме прашуваше за документацијата. Ѝ кажав бавно оди, но ќе се среди. Ми рече ако може барем дел од сумата да ѝ вратам, но јас веќе ги инвестирав понатаму тие работи. Документите се вадеа, но фатија избори. Не вратив ништо на Донка. Пак сакав да се видиме, за да ја смирам. Но дознав дека има здравствени проблеми. Сега сѐ е спремно, за 10 дена ќе почне градбата”, ветува сведокот и по една година.

    На прашање, додаде дека сега цената на становите е друга, повисока.

    Адвокатот на Ристов во вкрстено прашање рече: „Вие Круме во врска со овие станови или договори никогаш не сте се јавиле или kомуницирале со Ѓоко?”.

    „Не”, одговори сведокот.

    „Вие кривичен предмет кај Ѓоко Ристов сте имале или не?”, го допраша.

    „Не сум имал”, кажа сведокот.

    Адвокатот реагираше што нема копија од прислушуван телефон од затвор, каде како што рече, се спомнуваат судии од Глумово и Сарај, адвокатот Васил Димишков и судијата за организиран криминал Иле Трпков.

    „Тие материјали се екстрахирани од мобилен телефон кој бил на вештачење, а не се материјали од посебни истражни мерки”, рече обвинителката.

    По ова, таа почна да ги изведува доказите за коруптивност на обвинетиот Ѓоко Ристов, во насока да докаже дека откриеното закопано богатство е од негови кривични дела, а не од пари од лозарството на неговите.

    Судијата Ристов е обвинет за кривичните дела Противправно стекнување и прикривање имот и Перење пари и други приноси од казниво дело.

    Парите беа пронајдени спакувани во 13 поединечни пакувања, и тоа 610 банкноти во апоени од по 500 евра и 225 банкноти во апоени од по 200 евра, од кои дел со обележани рачно испишани износи на средствата, скриени во заѕидан простор во шуплините од цигли во ѕид на кујната.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира