Маја Оџаклиевска се расплака и беше пречекана со овации од публиката на синоќешниот концерт на славниот шпански тенор Хосе Карерас и „Macedonian All Stars“ на Плоштад Македонија во Скопје по повод одбележувањето на 35 години од независноста на Македонија. Легендарната пејачка, која живее во Белград и по подолго време настапи во Скопје, ги испеа нејзините хитови „Не допирај ме“, „Многу солзи“ и на крајот „Македонско девојче“.
„Привилегија е што сум дома. Ви благодарам многу“, рече Оџаклиевска, која се расплака по аплаузот на публиката.
На концертот настапија и Каролина Гочева, Калиопи, Влатко Стефановски, Миле Кузмановски, Сузана Спасовска, Наум Петрески, Ана и Игор Дурловски и Дешира Амети-Крлиу, во придружба на оркестарот на Филхармонијата. Диригираше маестро Сашо Татарчевски, а новите оркестрации ги направи Никола Мицевски. Секој испеа по еден или два свои хита и една македонска народна песна.
За време на настапот на 79-годишниот Карерас диригираше Давид Хименез, кој долги години соработува со оперската легенда.
Калиопи го спомена Гоце Николовски и рече дека неговото наследство не треба да се заборави.
„Да ја чуваме оваа наша бесценета Македонија“, кажа Калиопи и ја испеа „Бисер балкански“. На нејзиниот хит „Месечина“, публиката направи ѕвездено небо.
Каролина Гочева ја испеа песната „Ако згрешам“ од Пепи Бафтировски, како и нејзината „Од нас зависи“.
„Само со љубов, оваа наша мила земја може да биде рај“, рече Каролина Гочева. Како изненадување при крајот, таа и Калиопи настапија во дует со Карерас. На крајот, сите музичари излегоа на сцената со Карерас и ја испеаја „Едно име имаме“ од легендарниот Јонче Христовски.
Славниот тенор во 2005 одржа концерт на отворањето на Охридско лето и шест пати беше вратен на бис. Пред неговиот настап вчера, на видеобим се покажа негово интервју снимено во Охрид пред 21 година за Македонската телевизија.
„Да не бев пејач, сигурно повторно ќе се занимавав со уметност, можеби ќе бев фотограф. Мислам дека немаше да бидам хемичар, иако студирав хемија, но не ми одеше најдобро“, рече Карерас во интервјуто.
Во рамките на програмата за одбележување 35 години независност, која ја организира „Авалон“ заедно со Владата, концертите во Скопје продолжуваат и вечерва. Од 20 часот на платото пред „Т Арена“ ќе се одржи „Најдоброто од Македонија“, на кој ќе настапат Слаткаристика, „Суперхикс“, „2 Бона“, „Фанк Шуи“ и Дина Јашари.
На 4 септември од 20 часот на Плоштад Македонија ќе се одржи музичко-сценскиот настан „Силно светнал ден“, со кој завршува караванот што помина низ 11 градови во Македонија. Во програмата, која спојува музика, глума и танц, учествуваат повеќе од 120 уметници, а водители се Игор Џамбазов и Драгана Левенска. Влезот на двата настани е бесплатен.
Прославата ќе заврши на 8 Септември, на Денот на независноста, со концертот на Дејвид Гета на Националната арена „Тоше Проески“.
Владата сѐ уште нема објавено колку ќе чини прославата.
М. ЏАРОВСКА







