На 92 години почина Глорија Стајнем, иконата на феминизмот и борбата за правата на жените во САД и светот, соопшти нејзината фондација. Стајнем, која беше писателка и уредничка на списание, беше коосновачка на Алијансата за женска акција пред повеќе од 50 години, група посветена на борбата против сексизмот.
Таа ја започна својата кариера како новинарка во Њујорк во 1960-тите и беше коосновачка на списанието „Мис“, едно од првите публикации кое се фокусираше на други женски прашања освен на домаќинството и убавината.
Во 1970-тите, Стајнем беше главен глас во кампањата за репродуктивните права на жените. Таа самата имала нелегален абортус во Лондон кога имала 22 години, за подоцна да ја прослави пресудата на Врховниот суд на САД во случајот Роу против Вејд, со која им се даде на жените уставното право на абортус. Речиси половина век подоцна, таа беше сведок и на поништувањето на оваа одлука.
Стајнем, исто така, се залагаше за легализација на истополовите бракови и за еднакви права и плати за жените и протестираше против смртната казна и осакатувањето на женските гениталии.
„Глорија продолжи да работи за еднаквост до самиот крај. Најголемиот дар на Глорија беше нејзината способност да ги слуша другите, да ги натера другите да се чувствуваат видени и слушнати. Глорија живееше верна на својот независен дух, секогаш љубопитна и со одлично чувство за хумор“, соопшти нејзината фондација.



