Доналд Трамп повика на ширење на дата-центрите, и покрај зголемените реакции од двете партии пред меѓуизборите во ноември. Во објава на својата социјална мрежа Трут соушл, Трамп инсистираше дека центрите за податоци ќе ги направат Американците побогати и поуспешни и ги критикуваше оние кои се противат.
„Единствената причина зошто заедниците низ САД не би сакале центри за податоци е ако сакаат да завршат заостанати и сиромашни. Ако ја убиеме златната гуска, ќе бидеме виновни само самите ние“, рече Трамп.
Проширувањето на дата-центрите стана спорна точка во пресрет на ноемвриските избори во САД, при што анкетите покажуваат дека мнозинството Американци се противат на нивната изградба во нивните заедници. Републиканците и демократите изразија загриженост во врска со центрите за податоци, предупредувајќи на преоптоварување на електричните мрежи и системите за вода и нивото на бучава што ја создаваат.
Трамп, кој се сретна со некои од водечките технолошки гиганти во светот, е убеден дека центрите за податоци се клучни за да се остане пред Кина во трката за развој на вештачката интелигенција.
„Кина не може да биде посреќна со ова движење против центрите за податоци. Всушност, тие не можат да веруваат дека тоа се случува“, кажа Трамп.



