Телото на осудениот воен злосторник Ратко Младиќ беше донесено во Белград, осум дена откако почина во притворската болница во Хаг. Ковчегот обвиткан со српско знаме беше пренесен од Холандија со авион на српската влада, по што беше пречекан со воени почести.
Ковчегот од авионот го изнесоа шестмина војници, во придружба на синот на Младиќ и српскиот министер за правда Ненад Вујиќ, кој рече дека семејството на Младиќ ќе ги објави плановите за погребот во наредните денови. Провладините медиуми соопштија дека воена комеморација ќе се одржи утре, а погребот в понеделник, 7 септември.
Иако Европската Унија ја предупреди Србија против величењето на осудениот воен злосторник, кој е одговорен за најголемиот масакр во Европа по Втората светска војна, во земјата наголемо му се оддаваше почит на Младиќ во изминатите денови, како во медиумите, така и во јавноста. Илјадници Срби одржаа бдеења и маршеви во негова чест, а полицајци му салутираа додека ковчегот беше превезуван од аеродромот во Белград.
Иако министерот за правда Ненад Вујиќ изјави дека Младиќ ќе биде погребан со највисоките воени и државни почести, претседателот Александар Вучиќ кажа дека организацијата на погребот ќе зависи исклучиво од желбите на неговото семејство.
„Доколку желбата на семејството на Ратко Младиќ е тој да биде погребан од Србија, државата ќе го организира тоа на пристоен и достоинствен начин“, изјави Вучиќ по смртта на Младиќ,
Тој очекува десетици илјади луѓе да присуствуваат на погребот.
„Тоа се проценките на безбедносните организации. Државата мора да осигури тоа да помине безбедно. Ние сме тука да дадеме секаков вид логистичка и транспортна поддршка и да го зачуваме јавниот ред и мир, што ќе биде многу тешко“, рече Вучиќ.
Младиќ почина на 27 август додека издржуваше доживотна казна затвор во Хаг за геноцидот во Сребреница, воени злосторства и злосторства против човештвото.
На почетокот на крвавиот распад на Југославија, ЈНА го испрати Младиќ во Хрватска за да им помогне на побунетите Срби во Книн. По почетокот на борбите во БиХ, Младиќ премина во новоформираната војска на Република Српска и стана нејзин главен стратег. Под водство на Младиќ, војската на босанските Срби го тероризираше Сараево, а градовите како Фоча, Приједор и Вишеград беа исчистени од муслиманското население.
Во јули 1995, силите на Младиќ влегоа во Сребреница, која претходно беше прогласена за заштитена зона, по што беа убиени над 7.000 муслимански мажи и момчиња.
Откако со години беше штитен од српските власти, Младиќ беше уапсен во мај 2011 во српското село Лазарево и екстрадиран во Хаг.



